Со новата спогодба се унапредува изучувањето на македонскиот, односно хрватскиот јазик со дополнителни стипендии и продолжува доделувањето стипендии за напредни студии на високообразовни установи во двете земји
Во високото образование во Хрватска, школарината за студентите од Македонија ќе биде иста како и за домашните студенти, Ова е превидено со договорот кој денеска го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и министерот за образование, наука и млади на Хрватска Радован Фукс. Согласно договореното, во областа на основното и средното образование, учениците државјани на едната држава ќе имаат право да се школуваат во другата држава под условите што таму важат.
„Македонија и Хрватска ја продолжуваат и унапредуваат соработката во образованието и науката. Новата четиригодишна програма за соработка ги прави националните образовни системи подостапни за граѓаните на двете земји. Со новата спогодба се унапредува изучувањето на македонскиот, односно хрватскиот јазик со дополнителни стипендии и продолжува доделувањето стипендии за напредни студии на високообразовни установи во двете земји“, соопштија денеска Министерството за образование и наука (МОН).
Билатералната соработка предвидува поттикнување на размената на искуства за достигнување на високите европски образовни стандарди и овозможува поддршка во рамки на различните програми на Европската Унија и регионалната програма CEEPUS. Договорена е поддршка за зачувување на јазикот и културата на двата народи.