Започнува учебната година, бројот на корисници на јавниот превоз се зголемува, а градските власти не успеаја ништо да направат за да се справат со проблемот кој тлее со месеци.
ЈСП остана без нови автобуси, па сега е принудено со стари и репарирани возила да ги превезува скопјани, кои ги нема во доволен број и не можат да го покријат возниот ред. За надминување на проблемот нема да биде активиран ни приватниот превоз, бидејќи тие ќе партиципираат само со 15 возила.
Очигледно е дека од понеделник ќе се продлабочи хаосот во јавниот градски автобуски превоз откако средношколците ќе тргнат на училиште. И досега имаше гужви на автобуските постојки, а граѓаните чекаа и по два часа автобус, бидејќи се во недоволен број, а од понеделник тие ќе се зголемат, бидејќи ниту градоначалничката, ниту пак градските советници се заложија да изнајдат некакво решение.
Со тоа што градските советници не ги изгласаа предлог-одлуката за потреба од набавка на нови еколошки автобуси и за воведување на БРТ систем, ги оставија на цедило скопјани и ги лишија од модерен и удобен јавен градски превоз кој го заслужуваат, а не да се возат во автобуси без клими на +40 степени кои се расипуваат на сред пат, а патниците се истовараат и се принудени повторно да чекаат друг кој не се знае кога ќе дојде.
Единствено останува ветувањето на директорот на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Драги Кушовски, дека ќе направи ремонт на 30 автобуси кои не можат да го покријат зимскиот возен ред, бидејќи како што истакнуваат од ЈСП се потребни најмалку 40 автобуси.
Од ЈСП информираат дека е започната постапката за ремонт на автобусите, но и тоа дека се прави оптимизација на зимскиот возен ред.
– Ќе вклучуваме или ќе исклучуваме линии според потребите. Правиме сè што можеме и со сè што ни е на располагање. Се работи деноноќно – велат од ЈСП, без да прецизираат до кога ќе биде завршен ремонтот на 30 автобуси.
Оттаму додаваат дека на дневна основа во моментов се на располагање од 160 до 180 автобуси кои се со просечна старост од 13 години.
– Со оглед на просечната старост не можеме да очекуваме да не се расипуваат автобусите, но работиме и правиме се во моментов да се подобри состојбата – децидни се од ЈСП.
Целиот текст прочитајте го на: vecer.press