Во Технолошко - индустриската развојна зона - Скопје, денеска беше одбележан почетокот на градбата на фабрика на германската БМЗ груп која се занимава со изградба на литум јонски батерии. Се очекува фабриката да биде готова до мај следната година и да реализира извоз од најмалку 60 милиони евра во првите три години.
Комерцијалното производство е почнато со браундфилд инвестиција, но недостасувал повеќе простор што ќе се обезбеди во модерна фабрика во која вкупниот број вработени се најавува да достигне илјада.
Јелица Ивановска, генерален директор на БМЗ Македонија, информираше дека сега најмногу извезуваат во Германија и во Полска, но и во сите европски земји.
- Ние веќе произведуваме. Сега во моментот работиме во „браунфил“ лоциран во поранешните простории на фабриката „Раде Кончар“, односно во постоечки објект што е прилагоден на потребите на бизнисот. Во моментот имаме 110 вработени во сите сектори и работиме со пет функционални валидирани линии. Започнато ни е комерцијалното производство, со тоа што ни треба многу повеќе простор. Таму каде сме сега не е доволен просторот. Ова ќе биде нова и модерна фабрика и планирано е да имаме во првата фаза што сега ја градиме, 40 линии, а вкупниот број на вработени треба да стаса меѓу 770 и 1 000 вработени, нагласи Ивановска.
Како што додаде таа, во план е фабриката да се пушти во погон во мај, а се очекува да извезуваат и надвор од европскиот пазар.