Рим размислува да го ограничи пристапот до Фонтана ди Треви, еден од нејзините најпосетувани споменици, пред очекуваниот пораст на туристи следната година, велат градските власти.
Италијанската престолнина се подготвува да биде домаќин на Светата година или Црковниот јубилеј, римокатолички настан кој се очекува да привлече 32 милиони туристи и верници следната година.
Според нацрт-предлогот, за посета на фонтаната ќе биде потребна резервација во едно од однапред одредените термини, а на ограничен број луѓе ќе им биде дозволен пристап до скалите околу споменикот.
„Размислуваме да го направиме бесплатно за Римјаните, а од оние кои не се жители на градот ќе им биде побаран симболичен придонес, едно или две евра“, изјави денеска советникот за туризам на Рим, Алесандро Онорато за весникот „Ил Месаџеро“.
Градоначалникот Роберто Гуалтиери денеска ги нарече мерките за ограничување на бројот на туристи „многу конкретна можност“.
„Ситуацијата кај Фонтаната Треви станува сè потешка за управување“, изјави тој за новинарите.
Другите градови се соочуваат со протести поради проблемите предизвикани од таканаречениот прекумерен туризам, вклучувајќи ги Барселона и Венеција, каде локалните власти оваа година испробаа шема за наплата на влез за посетителите во градот.
Фонтаната ди Треви, во која посетителите традиционално фрлаат паричка со цел да се гарантира нивното враќање во Рим и исполнувањето на нивните желби, долго време е главна атракција, дури и за светските лидери кои го посетуваат градот.