Европа се доближува до нерегулираната имиграција, при што многу земји воведоа нови правила за „регулирање“ на миграцијата, одејќи дотаму што бараат изземања од политиката на ЕУ за азил и миграција.
Германија од понеделник ќе ја врати контролата врз сите 3.800 километри од својата граница на шест месеци, Шведска на имигрантите ќе им понуди 30.000 евра да се вратат дома, Холанѓаните воведуваат еден вид вонредна состојба која ќе и даде одврзани раце на владата во борбата против имиграцијата, а следната недела ќе побараат од Европската комисија да ги исклучи од азилантската и миграциската политика на Унијата.
„Не можеме повеќе да толерираме голем прилив на мигранти во нашата земја, ние доживуваме азилантска криза“, изјави холандскиот премиер Дик Шуф.
Шведска планира да го зголеми надоместокот за доброволно заминување на мигрантите на 30.000 евра од 2026 година за оние кои немаат работа и не се интегрираат, според Лудвиг Асплинг од екстремно десничарските Шведски демократи. Паричниот бонус е само една мерка во рамките на бројните измени на законот за азил што владата ги спроведе или сè уште ги планира, пренесува германски АРД. Шведската влада сака да дизајнира исклучително рестриктивен систем за имиграција, по примерот на Данска. Данците го зголемија и бонусот за заминување, но ефектите се мали: годишно заминуваат од 100 до 200 луѓе повеќе.
Во Германија, владата на Олаф Шолц, по прободувањето со нож на сириски барател на азил на фестивалот во Солинген и успехот на екстремната десница AfD на изборите во Тирингија и Саксонија, одлучи да ја врати граничната контрола на шест месеци. Одлуката стапува на сила од понеделник, 16 септември. Во петокот полицискиот синдикат изрази сомнеж за изводливоста на построги контроли, пред се поради недоволниот број вработени.
Досега германската полиција ги контролираше границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија, а сега контролите се проширени на уште пет земји и тоа на границите со Франција, Луксембург, Холандија, Белгија и Данска.
Според Шенгенскиот договор, земја-членка може да воведе контроли само привремено и во случај на „исклучителни околности“. Како резултат на контролите од октомври 2023 година, повеќе од 30.000 луѓе се вратени од германските граници, изјави министерката за полиција Ненси Фесер.
Тоа придонесе за повеќе од една петтина пад на бројот на баратели на азил во споредба со минатата година, тврди таа. Наспроти ова, истражувачот за миграција Џералд Кнаус во интервју за Дојчландфунк предупреди на лажни очекувања: во многу европски земји, на пример во Австрија, одамна постојат контроли, а бројот на барања за азил не е намален, напротив, посочува Кнаус.
Новите правила на ЕУ и Германија ги претставува своите мерки како привремени и неопходни додека го чека стапувањето во сила на новиот европски систем за азил. Надворешните граници на ЕУ конечно треба да бидат посеопфатно заштитени и одговорноста за бегалците во Европа поправедно распределена, но договорот од оваа пролет допрва треба да биде спроведен од земјите-членки. За тоа имаат рок до мај 2026 година.
Иако Германците од октомври минатата година спроведуваат „тесно координирана“ гранична контрола со Полска, Варшава протестираше, тврдејќи дека не биле однапред информирани за плановите на Германија, па канцеларот Олаф Шолц во петокот телефонски разговарал со полскиот премиер Доналд Туск.
Тој планира во наредните денови да разговара со неколку европски премиери и со шефицата на ЕК Урсула фон дер Лајен. Министерот Фезер ги покани на средба во вторник, 17 септември, претставници на владите на Бугарија, Франција, Грција, Италија, Хрватска, Австрија, Полска, Словенија и Велика Британија, како и на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Ќе учествуваат и претставници на ЕУ и меѓународни организации, а фокусот на состанокот треба да биде на прашањата за нерегуларната миграција, трговијата со луѓе, шверцот и организираниот криминал, пренесува АРД.
Низ Европа, десничарските или центристичките влади ги зајакнуваат граничните контроли поради страв од пораст на екстремната десница.
По терористичките напади во 2015 година, Франција повторно ги воведе граничните контроли – и оттогаш во голема мера ги одржува. И Данска ги контролира границите од 2015 година. Франција тоа го оправдува со зголемената закана од тероризмот и заканата за внатрешната безбедност на земјата.
Но, контролите се проблем за превозниците – само меѓу Германија и Холандија, секојдневно патуваат околу 100.000 камиони. Секој час чекање на граница чини 100 евра за камион, предупредуваат од логистичкото здружение ТЛН.
Полска е ригидна кон бегалците, Италија го гради првиот прифатен центар за мигранти во Албанија. Во јуни, Италија најави продолжување на граничните контроли со Словенија најмалку до декември. Владејачките партии победија на изборите пред две години со ветување дека ќе обезбедат значително помалку луѓе да дојдат во Италија.