Растот на цената на сеансите кај психолог стана сериозен проблем за многу граѓани. Според последните информации, една сеанса сега чини 3.500 денари, што многумина сметаат дека е премногу скапо, особено во време кога проблемите со менталното здравје се зголемуваат.
Менталното здравје е од големо значење, но сè поголем број на граѓани се соочуваат со тешкотии во пристапот до неопходната помош.
Поради високиот трошок на терапиите, многумина се принудени да се откажат од редовните сеанси или да се ограничат на само повремени посети, што може да ја забави или да ја комплицира нивната терапија.
„Цената е превисока за просечниот граѓанин. Секој ден се среќаваме со нови предизвици и стресови, но да платиме толку многу за еден час разговор со психолог, е нешто што многумина не можат да си го дозволат“, ни изјави средовечна жена од Скопје којашто сакаше да остане анонимна.
Експертите истакнуваат дека постои потреба од иновации и политики кои ќе овозможат поединците со проблеми со менталното здравје да добијат пристап до неопходната помош.
„Доколку не се преземат мерки за намалување на цената или обезбедување на финансиска поддршка, последиците врз здравјето на граѓаните може да бидат сериозни“, советуваат познавачите.
Денар разговараше со психолог кој има приватна ординација во Општина Карпош, а кој ни објасни дека поскапувањето на услугите е резултат на општото поскапување и инфлацијата.
„Во последните години, цените на основните трошоци и материјали значително се зголемија, што влијае на нашите услуги. Психолозите не се исклучок од овој тренд. Сепак, разбираме дека цените можат да бидат голема пречка за многумина и се трудиме да ја балансираме ценовната политика колку што е можно подобро. Има можности за попусти и соработка со различни организации кои нудат финансиска поддршка за пациентите“, вели нашата соговорничка.
Проблемот со високите цени на сеансите кај психолог бара итно внимание и мерки од страна на институциите, со цел да се осигура дека сите граѓани имаат можност за добивање на потребната помош без да се оптоваруваат со непријатни финансиски трошоци.