Две Белграѓанки, Александра Продановиќ и Далиборка Јакшиќ, развиле бизнис благодарение на тоа што одлучиле да се занимаваат со отстранување вошки и гниди од коса. Тие се меѓу ретките кои ја нудат оваа услуга.
Имањето вошки, и покрај денешните хигиенски услови и стандарди, е табу тема. Овие непријатни паразити најчесто ги напаѓаат децата. Меѓутоа, фризерите истакнуваат дека тоа не значи нечиста коса или недостаток на хигиенски навики.
Најдолгиот третман трае 45 минути и се состои од специјален шампон против вошки, кој не смее да се користи кај бебиња, бремени жени, доилки и луѓе со чувствителна кожа. Потоа, косата се мие со обичен шампон, се чешла и се отстрануваат вошките и гнидите со посебен чешел. Потоа, косата се суши, а клиентите можат да добијат посакувана фризура. По третманот, чешлите се ставаат во посебен стерилизатор.
-Децата се опуштени и најчесто си потпевнуваат за време на третманот. Родителите, пак, го оставаат целиот стрес зад себе кога си заминуваат. Контролата е како кај лекарите, по седум дена, кога ја повторуваме процедурата – велат фризерите, кои успеале да го развијат бизнисот и покрај сите предрасуди, финансиските потешкотии и типичните бирократски проблеми.
-Ризик постои како и во секој друг бизнис. Стравот од неуспех е реален. Но, со помош на пријателите и маркетингот преку социјалните мрежи, по една година бизнисот процвета – заклучила Александра Продановиќ.
Бизнисот навистина процвета. Имено, проверката на вошки во косата чини 500 динари (4,27 евра), но не се наплаќа ако клиентите се одлучат за третман, чии цени зависат од должината на косата. Цената за кратка коса е до 2.000 динари (17,09 евра), за средна должина до 4.000 динари (34,19 евра), а за долга коса до 6.000 динари (51,28 евра). Проверка и повторен третман се плаќаат по половина цена