Летачките такси-возила во Дубаи ќе започнат со работа до првиот квартал на 2026 година, изјави Калед ал Авади, директор на Одделот за транспортна технологија во Управата за патишта и транспорт на Дубаи.
– Имаме план до првиот квартал на 2026 година да започнеме со авиотакси-услуга. Моментално работиме на тестирање и сертификација на самото возило со нашите партнери од американската компанија „Јоби авиејшн“. Ја започнуваме и фазата на дизајнирање станици со „Скајпорт“, британска компанија што ќе развива хелиодроми – рече тој.
Според него, во Дубаи се планира изградба на четири вертикални аеродроми за такси-возила, од кои два ќе бидат пуштени во употреба на почетокот на 2026 година.
– Со нашите партнери работиме оваа услуга да биде што попристапна и веруваме дека ќе биде многу поевтина од користењето конвенционални хеликоптери – забележува Ал Авади, истакнувајќи дека цената на оваа услуга ќе биде поевтина или приближно иста како и цената за изнајмување лимузина.
Електричните воздушни такси-возила, исто така, ќе бидат сто пати потивки од конвенционалните хеликоптери. Што се однесува до такси-автомобилите без возачи, кои се развиваат заедно со „Џенерал моторс“, тие ќе започнат со работа во Дубаи веќе во 2025 година, а во моментов се тестираат.
– Планирано е до 2035 година сите такси-возила во Дубаи да бидат електрични, а до 2050 година целиот возен парк да се состои само од електрични автобуси – изјави Ал Авади.