Македонските граѓани сè почесто одат на море во септември и октомври. Од туристичките агенции во земјава потврдуваат дека цел септември имаат аранжмани за посета на повеќе земји, во регионот и подалеку. Велат дека се смени климата, но и навиките на луѓето. Граѓаните бираат да одат на море во септември и октомври поради пониските цени, но и затоа што преку лето е пеколно жешко. На тој начин заштедуваат, но и времето уште е пријатно за да можат да одмораат на плажа, да се капат и да шетаат.
„Има аранжмани за септември, највеќе одат двојки и повозрасни лица. Семејни луѓе имаме помалку, затоа што децата се на училиште. Повозрасните си сакаат да одат на одмор во септември поради температурата, исто така има луѓе кои сакаат да избегнат гужви и жештини. Септември е најубав месец за одмор, можат цел ден да бидат на плажа“, додаваат од туристичката агенција Хавана Травел од Скопје.
Слични се искуствата и во другите туристички агенции во земјава.
„До 15-20 октомври имаме клиенти кои ќе одат на одмор. Се помести летото, се сменија навиките. Луѓето периодов патуваат во Египет и Турција. Поевтино е, имаме доста аранжмани за во есен. Ако во октомври за четири члена одморот е 1.900 евра, во екот на летото е над 2.500 или 2.700 евра. Цел септември е полн“, велат од битолска туристичка агенција.
Ако порано повеќето сакаа да одат на одмор во шпицот на летото, сега има и поинакви примери.
„Има интерес и уплати за септември и октомври. До 20 октомври има уплати. Сега туристите одат во Египет и Турција. Некои се зафатени преку лето, за Струга зборувам, работат до 15 септември. Некои поради пониски цени одат во септември и октомври. До кога има чартери, до тогаш има и заинтересираност“, велат агенцијата Аура Травел од Струга.
Исто така како предност се смета и тоа што во предсезона или наесен, сите реквизити кои ви се потребни за на плажа ќе ги набавите поевтино. Многу услуги во туристичките места сега се поевтини за разлика од екот на сезоната. Медитеранските земји имаат совршени климатски услови за одмор во септември. Сепак, постои побогат општествен слој кој може да оди на одмор, кога ќе посака и каде ќе посака. Овие луѓе обично патуваат во Дубаи, на Малдивите, на Бали или во Мексико во период кога овде времето не е соодветно за одење на плажа. Инаку, вообичаено македонските туристи патуваат во Грција, но сега и Албанија е актуелна, па така за седум месеци годинава, кај западниот сосед имало скоро половина милион македонски туристи.