Доломитите - остри врвови, на прв поглед негостопримливи, кријат питоми села како и пасишта кои нема да ги најдете никаде на друго место во светот. Тука се наоѓа и веројатно најубавото село на светот, Света Магдалена.
Овој крај на светот на патниците, планинарите и љубителите на природата им овозможува бескрајно задоволство и уживање. Доломитите, особено долината Вал ди Фунес, се познати по нивната навистина неверојатна природа и овде сè е како од разгледница.
Селото Света Магдалена (Santa Maddalena) се наоѓа на надморска височина од околу 1.350 метри, опкружено со спектакуларни планини, пасишта и питоми ливади, а неговата убавина е идентична во сите годишни времиња. Ова село го нарекуваат и најубавото село на светот, а јасно е и зошто.
Пролетта носи цветни ливади, додека зимата го претвора селото во бајковит зимски пејзаж. Планините кои го опкружуваат селото се одликуваат со уникатни бои, особено при изгрејсонцата и зајдисонцата, кога доаѓа до „alpenglow“ - феномен кога планинските врвови ги прекрива златно-црвена светлина.
На малото подрачје на самиот раб на долината Вал ди Фунес, на североистокот од земјата, живеат нешто повеќе од 400 жители и сите се некако поврзани со туризмот, што е разбирливо. Во сончевите периоди од годината, тука е најдобар активниот одмор и пешачењето по ридовите и ливадите. Во зима секако, скијање и уживање во зимските спортови.
Во Света Магдалена се наоѓа истоимената црква, која станала симбол на селото, и најпрепознатливиот мотив на овој крај и бескрајните планински масиви, како мал човечки придонес за најубавиот природен колаж од бои и форми.
Покрај природните убавини, селото зрачи со културата и традицијата на Јужен Тирол. Овој регион се карактеризира со посебен спој на германски и италијански влијанија. Јазикот, кујната и обичаите ја одразуваат оваа културна разновидност. Традиционалните селски куќи, т.н маси, се градени од дрво и камен, често украсени со цветни прозорци и старински резби, што ѝ дава дополнителен шарм на целата околина.
Во текот на целата година, Света Магдалена е домаќин на бројни фестивали кои ги слават локалните обичаи. Некои од нив се поврзани со жетвата и католичките празници. Локалните жители често носат традиционални носии, што на посетителите им дава единствена можност да ја запознаат богатата култура и начин на живот во планинските села во Јужен Тирол.
Селото претставува вистинска оаза на мирот, место каде природните убавини и културното наследство се спојуваат во совршена хармонија.
Без разлика дали доаѓате за планинарење, фотографирање или едноставно да уживате во тишината и свежиот воздух, Света Магдалена ќе ви овозможи незаборавно искуство. Ова село, со својата скромна големина, но грандиозна убавина, зазема посебно место на мапата на Доломитите и во срцата на сите што го посетуваат.