Град Скопје ќе субвенционира дел од трошоците на домаќинствата за чистење на оџаци за 2024 година. За таа цел е распишан и јавен повик.
-Финансиските средства за надоместување на дел од трошоците направени за чистење на оџаци се во нето износ најмногу до 1.200 денари по домаќинство. Данокот на личен доход е на товар на Град Скопје.
На јавниот повик можат да учествуваат граѓани чие живеалиште е на подрачјето на Град Скопје (општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај) кои ги исполнуваат наведените услови од јавниот повик и ја доставиле потребната документација.
Јавниот повик ќе трае од денот на објавување вклучувајќи ги реализираните активности за чистење оџаци од 01.01.2024 година заклучно со 31.10.2024 година, односно до искористување на средствата предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2024 година.
Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно според редот на пристигнати барања, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена.