Граѓаните кои традиционално подготвуваат зимница, оваа година се соочуваат со зголемени трошоци за подготовка на зелена туршија.
Според пресметките, за едно буре од 20 килограми, потребно е да се издвојат над 1.800 денари, додека со додавање на зачини и оцет, крајната цена се приближува до 2.000 денари.
Дополнително, доколку домаќинствата немаат пластично буре за складирање, тие мора да инвестираат и во тоа, а цената на пластичните бурења варира во зависност од големината, и може да чини од 250 па сè до 1.500 денари.
Жител на скопската населба Нерези, кој оваа година подготви туршија за зимата, споделува дека потрошил околу 2.000 денари за материјалите.
„Трошокот не е мал, но вреди. Ќе имам салата за цела зима“, вели тој, додавајќи дека и покрај цените, зимницата е важен дел од традицијата.
Продавачите на пазарите, исто така, сведочат за предизвиците со кои се соочуваат годинава.
Продавач на тезга на пазарот во Ѓорче Петров објаснува дека главниот фактор кој ја зголемува цената на туршијата оваа година е цената на карфиолот.
„Карфиолот е поскап затоа што многу ретко се наоѓа на пазарите. Тоа значително ја крева цената на целата туршија“, објаснува нашиот соговорник.
Зголемувањето на цените на зеленчукот, особено на карфиолот, ги става домаќинствата пред предизвик дали да продолжат со традиционалната подготовка на зимницата или да се одлучат за поевтини алтернативи.
Зимницата, иако останува дел од традицијата, годинава бара повисок финансиски влог, а семејствата кои сакаат да подготват домашна туршија ќе мораат внимателно да ги планираат своите трошоци.