Во време на постојан раст на цените и сè потешките економски услови, сликите од пред две децении повторно стануваат реалност.
Последниве месеци, еден тренд кој многумина го паметат од деведесеттите и почетокот на 2000-тите, се враќа во полн ек – продажбата на цигари на парче.
Цената на едно пакување цигари, која варира од 130 до 200 денари, станува преголем товар за многумина, особено за младите и за студентите, кои најчесто имаат ограничен буџет.
Како последица на тоа, еден од најновите феномени на пазарот е продажбата на една цигара за 10 денари.
„Секој ден купувам по 5 цигари на парче и денот го поминувам со 50 денари“, вели Марија, студентка од Битола која привремено живее во Скопје.
Таа, како и многу други, не може да си дозволи да купи цело пакување, па ова ѝ се чини како најприфатливото решение во моментот. „
Животот во главниот град е скап, а студентскиот буџет сè потешко ги покрива основните трошоци. Цигарите се само дел од тоа“, додава таа.
Ова не е изолиран случај, туку широко распространета практика кај многу студенти и лица со пониски приходи.
Цигарите на парче станаа симбол на општествената реалност во која економските тешкотии и инфлацијата ги принудуваат луѓето на краткорочни решенија.
Според експертите, постои директна врска меѓу инфлацијата и ваквите трендови на пазарот. Иако продажбата на цигари на парче не е нов феномен, нејзиното зголемување во последните години е показател за општата економска состојба.
Дополнително, оваа практика отвора и прашања за јавната здравствена политика.
Владата со години воведуваше мерки за намалување на пушењето, но токму економската состојба ги поттикнува луѓето да прибегнуваат кон вакви решенија, иако штетата врз здравјето останува иста.