Законот за работни односи предвидува право на регрес за годишен одмор само за вработените во приватниот сектор кои работеле кај ист работодавач најмалку 6 месеци во текот на календарската година.
Според податоците за движењето на нето/бруто платата по вработен, К-15 за оваа година се движи од 9.665 денари (40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци) до 14.190 денари (40 отсто од износот на просечната бруто плата во последните три месеци).
Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а најголемиот број работодавачи исплатата ја прават во последниот месец од годината.
За работодавачите кои нема да исплатат регрес за годишен одмор или ќе побараат од работниците да и вратат парите, предвидена е парична казна до 4.000 евра.
И оваа година, околу 140 илјади вработени во јавниот сектор нема да добијат исплата на регрес за годишен одмор бидејќи законот и колективниот договор не го предвидува тоа.
За да го испитаме јавното мислење, во периодот од 3-ти до 26-ти декември објавивме анкета Дали сметате дека е фер само вработените во приватните фирми да имаат право на К-15? кадешто работобарателите можеа да одговорат со да или не.
На анкетата, 55 отсто од испитаниците одговорија со не, додека пак преостанатите 45 отсто сметаат дека е сосема фер оваа привилегија да ја уживаат само вработените од приватниот сектор.
Во анкетата беа опфатени 1.109 испитаници.