Со владината мерка за ограничување на маржите, лебот е со скоро иста цена. Во услови кога пченицата се откупува за околу 10 денари за килограм, неоправдана е актуелната цена на лебот, реагираат земјоделците. Пекарите велат дека најголем дел од производната цена на лебот не е брашното, туку се поскапата и дефицитарна работна сила..
Владината мерка за намалување на маржите кај лебот резултираше со само еден денар пониска цена за одредени видови бел леб од 450 грама. Минимално е намалувањето на цената и на останатите видови на леб. За граѓаните ова е незначително, велат дека и со ова поевтинување тешко се живее.
Незадоволни се и земјоделците, велат основниот репроматеријал за лебот – пченицата се откупува од 9 ипол до 11 денари за килограм, далеку под производната цена која се движи околу 15 денари. Ситуацијата е подобрена со владината мерка за дополнителни три денари за откупен килограм пченица до петти септември, како и зголемената субвенцијата од шест на 12 илјади денари по хектар за површините под пченица.
Пекарите сметаат дека триесет денари е реална цена за белиот леб. Велат дека поголем дел од производната цена отпаѓа на работната рака и другите трошоци, а не на брашното.
Последните неколку години пекарите и трговците бележат пораст на побарувачката на вчерашен леб, кој се продава по цена од 15 до 20 денари.