Плата од 100.000 долари годишно на многумина Американци неодамна им беше сон, а ја имаа само луѓето квалификувани за специјални работи. Но, денес, кога платата за еден час работа на сојузно ниво стои на 7,25 долари, сепак, годишната плата од 100 илјади долари не е доволна за живот, особено за оние со семејства.
Компаниите кои нудат таква плата со години не можат да најдат работници, иако сумата е навидум примамлива. Тоа му се случува и на ресторан за брза храна, дел од познат ланец, кој со месеци не може да најде менаџер и покрај тоа што освен платата нуди и низа бонуси.
Анализа што ја објави РТС покажува зошто работите во САД толку се измениле, особено во периодот по пандемијата на коронавирусот. Првата причина зошто тешко се наоѓаат работници, според таа анализа, е тоа што на понуда има доволно такви работни места, а платите за слични работи по пандемијата пораснале.
Како втора причина се наведува тоа што денеска 100.000 долари во САД ни одблизу не се толку многу пари како што биле некогаш. Стоте илјадарки се топат кога од нив ќе се одбијат давачките, ратите за кредит, а остатокот за оние кои имаат семејство не е доволен. Таа сума значи дека месечно се добиваат бруто 8.300 долари, а бидејќи во Америка платите се примаат во нето сума, откако ќе се одбијат неколку даноци и месечниот трошок за здравствено осигурување, како чиста плата остануваат околу 6.000 долари, со одредени варијации во зависност од тоа каде се живее и од други фактори.
Просечната цена на куќа во Америка е околу 500.000 долари и ако је купите со 10 проценти учество, вкупната месечна рата со даноци и други издатоци би била 4.000 долари. Тоа значи дека ако се купува живеалиште од нето-платата од шест илјади долари остануваат само две илјади. Од тие пари треба да се пресметаат 1.200 долари за храна за четиричлено семејство и тоа во скромна варијанта, па просечна рата на кредит за нов автомобил, која сега е дури 735 долари месечно, па 250 долари месечно за осигурување на возилото, 300 долари за бензин, 300 долари за комуналии, односно струја, гас и вода… и ете го минусот на сметка.
– Тука не ги пресметуваме издатоците ако имате два автомобила или сакате да одите во театар со билет чија цена е 100-200 долари, на вечера во ресторан, на годишен одмор, или сакате да купите костум, мебел, телевизор, пишува РТС. Уште потешко е ако имате деца на факултет за кои за школарина и сместување треба да издвоите 40 до 50.000 долари годишно.
Но, трошоците зависат од местото на живеење, па во Њујорк или Калифорнија се далеку повисоки, а некои помали градови имаат пониски цени. Разликата во цените е најголема кај домувањето, односно кај киријата или ратата за станот или куќата, додека другите цени речиси секаде се слични.
На Менхетн, на пример, месечно изнајмување нов убав трисобен стан чини седум до осум илјади евра, а средната сума за тоа во Њујорк е околу 3.600 евра.
Се поставува прашањето како Американците всушност живеат и какви решенија наоѓаат?
Извор: vecer.press