Според податоците што ги објави Државниот завод за статистика овој месец, над 120.000 деца во земјава, или 32.8% од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија.
Според податоците што ги објави Државниот завод за статистика овој месец, над 120.000 деца во земјава, или 32.8% од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија. Стапката на сиромаштија кај децата е за 50% повисока отколку кај возрасната популација (22%) и се зголеми од 28% во 2015 година на 32.8% во 2021 година, покажувајќи со тоа дека децата се изоставени од економскиот развој на земјата, велат од Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) на Меѓународниот ден посветен на искоренување на сиромаштијата.
Состојбата предизвикува голема загриженост, посочуваат од УНИЦЕФ, имајќи предвид дека децата се поранливи на ефектите од сиромаштијата. Сиромаштијата во детството, тие додаваат дека ги засега сите аспекти од животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата и дека има висока цена врз човечкиот капитал и просперитетот.
„Земајќи го ова предвид, со усвојувањето на Целите за одржлив развој во 2015, земјата цврсто се заложи до 2030 година да го намали за најмалку половина процентот на деца што живеат под прагот на сиромаштија. Недоволното инвестирање во социјалната заштита придонесе да има постојано недоволна опфатеност на децата во земјата. Јавните расходи за социјална заштита заостануваат зад другите сектори и се далеку под просекот на Европската Унија. Денес помалку од 23 отсто од домаќинствата со деца во Северна Македонија добиваат парична помош наменета за деца или домаќинства со деца, додека просекот во ЕУ изнесува 88,4 отсто“, велат од УНИЦЕФ.
Една од клучните можности за справување со детската сиромаштија е проширување на опфатот и подобрување на висината на паричната помош за децата што живеат во сиромаштија, сметаат од УНИЦЕФ.
Тоа, според нив може да вклучи проширување на образовниот додаток за да ги опфати и децата во предучилишно образование кое е клучно за градење вештини што им се потребни на децата за да успеат подоцна во животот, подобро информирање и поддршка за да им се овозможи на семејствата пристап до паричната помош која им следува и усогласување на паричната помош насочена кон децата со реалните трошоци на живот.
„Земјата исто така би можела да размисли и за воведување универзална парична помош за деца, која на глобално ниво покажа дека државите може да си ја дозволат дури и во време на кризи, и е ефикасна политика за намалување како на вкупната сиромаштија, така и на детската сиромаштија. Универзалниот пристап – парична помош за секое дете – драстично ги намалува административните трошоци, ризикот да се исклучат некои деца на кои им е потребна помош и ризиците од стигма и дискриминација. Притоа универзалната парична помош за деца придонесува да се изгради и одржи социјалната кохезија, намалувајќи ја нееднаквоста“, објаснуваат од УНИЦЕФ.
Според нив, покрај подобрување на паричната помош за семејствата со деца, справувањето со детската сиромаштија, исто така, налага повеќесекторски одговор со цел децата да имаат пристап до основните социјални услуги, како што се образование, здравство, исхрана и заштита, без стигма и дискриминација.
Целата вест прочитајте ја на: radiomof.mk