Поради намалување на ДДВ и најавите за намалување на данокот на емисија на ЦО2 се очекува намалување на цените на половните автомобили.
Увозниците на половни автомобили велат дека ќе има позначително намалување на цените на постарите возила, додека поновите сè уште ќе држат цена. На пазарот на половни автомобили исто така позитивно влијаат и најавите за намалување на цената на употребуваните автомобили во Германија кои паднаа за околу 300 евра.
Со намалување на ДДВ вкупните давачки за увоз на автомобили се намалуваат за 20 до 25 отсто. Така на пример ако за Мерцедес од 2012 година увозните давачки чинеа 135 илјади денари, сега чинат само 100 илјади денари, што е намалување за 500 евра.
-Има најава дека од Нова година дополнително ќе се намали данокот на емисија на ЦО2. Тоа ќе влијае на намалување на цените на автомобили постарите од 10 години, кои се и најбарани, поради ниската цена. Така на пример сега набавната цена на „опел астра“ од 2009 година, 1,6 бензин е 1.050 евра, а давачките изнесуваат 1.400 евра, односно се повисоки од набавната цена, објаснува Ѓошевски.
Вели дека цените на постарите автомобили ќе се намалат за 15 отсто, односно голф од 2009 година, кој сега чини 3.000 евра, ќе се продава за 2.000 евра.
Според податоците во септември оваа година, половните автомобили во Германија од која се увезуваат најголем дел од возилата во нашата земја падна за околу 300 евра, достигнувајќи 26.487 евра, што е најниско ниво од јануари 2022 година, кога просекот беше 26.252 евра.
Во изминатата година, цените на половните автомобили на германскиот пазар се намалени за повеќе од пет проценти, односно за 1.397 евра. Од март 2023 година, кога цените достигнаа свој врв, тие се намалени за повеќе од девет проценти. И покрај овој пад, цените на употребуваните возила сè уште се за 27 проценти повисоки во споредба со јануари 2020 година, пред почетокот на пандемијата.
Според анализите, во 2023 година, цените на половните автомобили се зголемиле за околу 20 отсто во однос на 2022 година. Ова зголемување се должи на порастот на цените на новите автомобили, недостигот на чипови, суровини, транспортот, намалувањето на понудата на половни автомобили од увоз, поради забраната на увоз на возила со еуро 3 и еуро 4 стандарди. Од друга страна, цените на половните автомобили пораснаа и поради зголемувањето на побарувачката, економската криза и неможноста за купување нови автомобили.