Европските земјоделци, соочени со гнили и заболени култури сè уште на некои полиња, очекуваат уште неволји бидејќи честите дождови ја одложуваат зимската сеидба, пишува „Bloomberg“.
Во северозападна Европа, октомври ја означува транзицијата помеѓу два циклуса на земјоделско производство. Земјоделците ја завршуваат бербата на летните култури и почнуваат да сеат за зима. Но, лошото време може да значи втора година загуби откако земјоделската моќ во регионот, Франција, ја забележа својата најлоша жетва на пченица во последните децении.
Новото засадување напредува со бавно темпо бидејќи некои ниви се премногу влажни за тракторите да можат да влезат. Во исто време, болестите влијаат на квалитетот на некои култури. Според прогнозата на „Maxar Technologies Inc.“ викендов се очекува дожд во Велика Британија, Франција и Италија.
„Не можеме ни да одиме на полето за да го засадиме семето на пченицата затоа што е натопено, а тековната сончева недела нема да биде доволна“, рече Виктор Рабиер, претседател на група на фармери во департманот Есон, јужно од Париз.
„Значи, останав со гнили кромид и не можам да посадам пченица на околу 7% од мојата површина“, додаде тој.
Можноста за уште поголеми загуби и штети на посевите доаѓа додека европските земјоделци се борат да ги продадат своите ограничени залихи, пропуштајќи го неодамнешниот митинг на глобалните фјучерси. Цената на европската пченица е повисока од онаа на житото од регионот на Црното Море, што ја прави неконкурентна и покрај знаците за ограничена глобална понуда.
Моќните француски земјоделски синдикати и дадоа рок на новата влада до средината на ноември да ги исполни нивните барања за поголема поддршка, кои вклучуваат заштита на меѓуевропската трговија од поевтин увоз. Тие ветија дека ќе продолжат со акции слични на националните блокади од почетокот на оваа година.
Производството на пченица и канола во Велика Британија значително ќе опадне во 2024-та година поради лошите временски услови, што ќе ја направи земјата „многу позависна од увоз од вообичаено оваа сезона“, според најновите проценки на Одборот за развој на земјоделството и градинарството.
Во меѓувреме, жетвата на пченка во Франција напредува со најбавно темпо во последните 11 години, со само 25 проценти од жетвата на 21-ви октомври, во споредба со 69 проценти од петгодишниот просек, според податоците на „FranceAgriMer“. Француските култури со обична пченица и зимски јачмен се исто така далеку под петгодишниот просек, со нивите веќе заситени од највлажниот септември во последните 25 години.
„Комбинацијата на намалена сахароза и габични заболувања ја погоди француската шеќерна репка“, рече Тимоти Масон, економист во земјоделската групација „CGB“. За земјоделците како Рабиер, тоа значи дека неговите полиња се повеќе не се финансиски одржливи.
„Сè уште се опоравуваме од културата која беше катастрофална. Со оглед на тоа што цените на житото не се доволно високи, ние сме заглавени помеѓу губење на приходите и зголемување на трошоците оваа година“, вели тој.
Извор: denar.mk