И најновите податоци за индустриското производство откриваат поразителни резултати. Повторно има намалување на индустриското производство и во септември, и тоа од високи 7,9 проценти на годишно ниво.
Како што објави Државниот завод за статистика во периодот јануари – септември 2024 година, во однос на истиот период лани инудстирското производство е помало за 4,2 отсто. Сепак, загрижува фактот дека индустриското производство подолг период има негативни резултати, односно намалување во производството.
Статистичарите објавија во кои сектори има најголем пад. Па така секторот Рударство и вадење на камен во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи опаѓање од 7,5 проценти. Следен е секторот Преработувачка индустрија кој бележи опаѓање од 6,6 отсто, а потоа следува Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање каде е регистрирано намалено производство за 10 проценти.
Но, што покажуваат деталите од извештајот на ДЗС, каде е најголем падот во индустриското производство минатиот месец. Кои сектори имаат најголемо намалување, а кои се со позитивни резултати?
Бројките на ДЗС покажуваат дека во септември убедливо најголем пад имало кај вадењето јаглен и лигнит од високи 44 проценти. Потоа доаѓа секторот производство на други неметални минерални производи со високи 27,8 отсто намалување на производството. Веднаш зад него, со висок пад во производството се соочил и секторот за мебел, каде има намалување од 27,4 проценти во производството.
Покрај овие три сектори кои бележат висок пад, со големи намалувања во производството се соочил и секторот производство на метали каде падот достигнал 25 проценти.
Но, тие не се единствените, напротив голем пад има и во категоријата производство на облека, каде падот достигнал 22,9 отсто. А веднаш до нив со пад во производството на хартија и производи од хартија каде намалувањето на производството е 22,7 проценти.
Спротивно на нив, исклучително добри резултати направи останата производствена индустрија каде производството на годишно ниво се зголемило за 162 проценти.
Слично на нив, и тутунопроизводството во септември има направено исклучително позитивни резултати. Растот во секторот производство на тутунски производи исто така надминал 100 проценти, или поточно бил 114,9 отсто на годишно ниво. Трета област која во септември имаше голем раст на производството е поправка и инсталирање на машини и опрема каде растот достигнал 88,1 процент.
Податоците за индустриското производство покажуваат дека од месец во месец постојано има негативни резултатие. Имено во август падот на индустриското производство на годишно ниво достигнал 3,6 проценти. Месец претходно, или во јули годинава статистичарите измериле пад од 3,9 отсто на годишно ниво. Слични, па дури и полоши резултати биле добиени јуни кога падот бил 5,1 проценти.
Извор: faktor.mk