Во последните години, со значајните промени на пазарот на трудот и растечката популарност на хибридните модели на работа, се зголемува интересот на работниците да работат од дома. Според податоците во Македонија, околу 25% од вработените би прифатиле намалување на платата доколку тоа значи дека ќе можат да работат од дома.
Оваа статистика го отсликува глобалниот тренд и носи нови предизвици и можности за компаниите, како и за вработените во Македонија.
Сo порастот на технолошкиот развој, кој овозможува далечинско работење, сè поголем број професионалци ја препознаваат флексибилноста како клучен фактор за баланс меѓу професионалниот и приватниот живот.
За многумина, можноста да работат од дома значи помалку време потрошено во сообраќај, помалку трошоци за транспорт и облека, како и намалување на стресот поврзан со традиционалната работна средина.
„Флексибилната работа им овозможува на вработените поголема автономија и контрола врз своето време, што во голема мера придонесува за задоволството и продуктивноста. Денес, многу луѓе се повеќе ориентирани кон работни услови кои ги вреднуваат нивните потреби, а не само кон висината на платата. Во ваква ситуација, идејата за баланс меѓу работата и приватниот живот игра клучна улога во изборот на работно место“, изјави социологот Љубица Маџовска.
Во услови на економска неизвесност, особено во Македонија, овој став можеби е изненадувачки.
Сепак, истражувањата покажуваат дека вработените кои работат од дома често покажуваат повисоки нивоа на продуктивност и задоволство.
Компаниите кои се адаптираат кон овие нови реалности имаат можност да ги задржат и да ги мотивираат своите вработени, дури и ако понудат нешто пониски плати, но со подобри услови.
Од друга страна, иако е посакувана, работата од дома има и свои предизвици, како што се осаменоста, тешкотиите при одржување на мотивацијата и границата меѓу приватниот и работниот простор.
Токму затоа, експертите сугерираат на компаниите внимателно да ги планираат политиките за хибридна работа, за да ги искористат придобивките, но и да ги избегнат можните негативни ефекти.
Се чини дека и кај нас, како и глобално, работната средина се менува, и ова е само уште еден доказ дека вредностите на вработените и нивните приоритети се во процес на трансформација.
Извор: denar.mk