Жените кај нас и во 21 век имаат ограничен пристап до семејното наследство и го носат товарот на традицијата и обичаите, велат од битолската Организација на жени.
Поразителни се податоците кои произлегуваат од нивното истражување спроведено во руралните средини. Само 18 од 100 анкетирани жени одговориле дека родителите рамноправно го распределиле имотот меѓу братот и сестрата, останатите биле родово дискриминирани во рамките на своето семејство. Поправдна е распределбата кај повеќедетните семејства, велат од Организацијата на жени.
- „Во случаите каде има една сестра и еден брат во семејството, 82 проценти од наследството е дадено на братот доброволно или по желба на родителите. Само во 22 проценти од случаите братот решил да ја почести својата сестра финансиски или со некој друг надоместок“, вели Светлана Петковска, претседател на Организација на жени Битола.
Ваквата распределба на имотот била причина за нарушување на односите во семејството, но и покрај тоа, повеќе од половина од тие жени, кои биле оштетени за сметка на братот, би ги дискриминирале своите ќерки при поделба на имотот.
- „87 проценти од анкетираните одговориле дека после поделбата на имотот односите на братот и сестрата се заладиле. 36 проценти од анкетираните кои го поделиле својот имот, стравуваат дека ќе останат на улица после поделбата на имотот и 62 проценти од оние кои не добиле никаков имот од своите родители не мислат да поделат рамноправно на своите деца“, вели Петковска.
Ова истражување битолската Организација на жени го спроведе како дел од активностите за одбележување на 80 годишниот јубилеј. Велат анкетата ќе ја спроведат и во Битола, а очекуваат слични резултати. Ги повикуваат и останатите женски организации заедно да работат на подигање на свеста и да се поттикне јавна дебата, затоа што родовата рамноправност е незвозможна и без пристап на жената до правото на наследство.