Енергетската независност и стабилноста во снабдувањето со енергија стануваат сè поважни за економската и еколошката одржливост на земјата.
Еден од најефикасните начини за постигнување на оваа цел е преку вложување во обновливи извори на енергија.
Овие инвестиции, како што велат експертите, не само што ќе ја направат Македонија поотпорна на глобалните енергетски пазари, туку и ќе овозможат значително намалување на трошоците за енергија и подобрување на квалитетот на животната средина.
Од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, велат дека Македонија ги има потребните услови за развој на обновливи извори на енергија, особено во делот на соларната и ветерната енергија.
„За Македонија, енергетската независност не е само цел туку и неопходност во време на економски и на климатски предизвици. Со инвестиции во обновливите извори, модернизација на капацитетите и со стратешки партнерства, можеме да постигнеме стабилност во снабдувањето со енергија, намалување на трошоците и одржливост на животната средина. Нашата земја има исклучителни климатски и географски услови за развој на овие капацитети и затоа ќе продолжиме да ги користиме со цел обезбедување поодржлива иднина за нашите граѓани“, истакнува Министерката.
Зголемениот интерес за обновливи извори на енергија во Македонија е резултат и на глобалната потреба за намалување на емисиите на стакленички гасови, како и на притисокот од Европската Унија и меѓународната заедница за енергетска транзиција.
Експертите истакнуваат дека фокусот на обновливите извори може да донесе значајни придобивки за економијата и екологијата.
Според нив, вложувањето во соларни и ветерни паркови, заедно со создавање на стратешки резерви на енергија, ќе ја зајакне позицијата на Македонија во регионот.
„Македонија може да биде регионален лидер во енергетската транзиција, особено ако државата продолжи со иницијативите за поддршка на приватни инвестиции и јавни-партнерства во овој сектор. Обновливите извори не само што ќе ја направат земјата енергетски независна туку и ќе отворат нови работни места во секторот за зелена енергија“, коментираат познавачите.
Од Министерството за енергетика најавуваат дека стратегијата за инвестирање во обновливи извори на енергија ќе биде проширена со нови проекти за изградба на соларни и ветерни електрани.
Една од главните цели на оваа стратегија е да се намали зависноста од фосилни горива и да се зголеми учеството на обновливите извори во вкупниот енергетски микс.
Покрај тоа, државата планира и мерки за поттикнување на индивидуални домаќинства и мали бизниси да инвестираат во сопствени соларни системи за производство на електрична енергија, со што ќе се зголеми дистрибуираната енергија во мрежата.
Преку овие напори, Македонија не само што ќе го намали својот енергетски увоз туку и ќе придонесе кон почиста животна средина, што е од суштинско значење во ера на климатски промени.
„Клучно е да создадеме енергетски систем кој ќе биде отпорен на надворешни шокови и кој ќе ги минимизира трошоците за граѓаните. Инвестициите во обновливи извори ќе ја направат Македонија поотпорна и во економски и во еколошки аспект“, објаснуваат експертите.
Во годините кои следуваат, Македонија ќе се соочи со предизвикот да ја спроведе енергетската транзиција, но со јасно дефинирани цели и со поддршка од домашни и странски партнери, таа може да стане пример за успешна и одржлива енергетска трансформација.