Додека Јавното претпријатие за државни патишта подготвува проширување на бројот на таг ленти на патарините за подобрување на протокот на возила, граѓаните кои секојдневно патуваат низ државата изразуваат поинакви желби.
Во разговор со дел од корисниците на патиштата, голем број од нив предлагаат укинување на постоечкиот систем на патарини и воведување на вињета, што би значело плаќање на фиксен износ за користење на сите патишта во државата, или пак, имплементирање на систем сличен на оној во Србија, каде што корисникот зема картичка на влез и плаќа на излез.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, викендов од Штип најави дека новиот проект за проширување на таг лентите, кој тежи 12 милиони евра, ќе продолжи.
Тој објасни дека целта е да се постават три до четири ленти на патарините за плаќање со таг уреди или со трансакциски картички.
Ова треба да овозможи побрз проток на возила, со што се очекува да се намали застојот, посебно за време на празничните периоди или викендите.
„Ако сега имаме една лента со тагови од вкупно пет, се трудиме да има три до четири со тагови. Притоа, плаќањето да биде со трансакциски картички, оние кои секојдневно ги користиме врзано со тагот, и да не мора да се надополнува“, објасни Трајановски.
Меѓутоа, за дел од граѓаните, проширувањето на бројот на таг лентите не го решава основниот проблем – редовното плаќање на патарини.
Велат дека системот е старомоден и дека земји како Австрија, Швајцарија и Бугарија одамна имплементирале системи со вињети, каде патниците можат слободно да се движат без потреба од постојано плаќање.
Во овој контекст, воведувањето на вињета не само што би го скратило времето за чекање, туку би овозможило поедноставено и транспарентно решение за сите корисници на патиштата.
„Со вињета би се намалил стресот на патниците, а и би биле поефикасни. Ќе можеме слободно да патуваме, без да мислиме на гужви на патарините. Секој што сака да ги користи автопатите би си платил фиксен износ и нема потреба од дополнителни трошоци“, истакна еден граѓанин кој секојдневно патува кон Скопје.
Дополнително, граѓаните кои ги посетиле соседните држави, како Србија, често го посочуваат нивниот модел за наплата, каде што возачите земаат картичка на влезот и плаќаат на излезот, зависно од растојанието што го поминале.
„Системот во Србија ми се допаѓа повеќе бидејќи е фер и се плаќа само за реално изминато растојание. На тој начин плаќаш само за она што го користиш, а не фиксно за секој влез на автопатите“, вели друг граѓанин.
Во моментов, Јавното претпријатие за државни патишта размислува за воведување на европски практики за електронско плаќање, преку систем кој ќе овозможи интеграција на македонските тагови со оние на соседните држави.
Но, голем број граѓани посочуваат дека без промена на основниот модел на наплата, проширувањето на таг лентите може само делумно да го подобри корисничкото искуство.
Во контекст на овие новини, граѓаните сѐ повеќе се залагаат за модернизација на патниот систем кој ќе биде поефикасен, поедноставен и подостапен за сите.