Во буџетот за 2025 година има околу 30 милиони евра или 18 отсто повеќе средства за студентскиот стандард во споредба со оваа година, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на штипската Гимназија „Славчо Стојменски“.
Забележа дека нема дилема за покачување на оваа ставка во буџетот и планирано е зголемувањето на средствата за студентскиот оброк.
- Но, сè уште разговараме со студентите, затоа што тие имаат некоја поинаква идеја. Сметаат дека за 140 денари можат да добијат во одредени маркети, одредени ресторани комплетен оброк, а дека би можело да се прошири опсегот, на пример и студенти кои работат „парт тајм“, а сѐ уште не постигнале одредена сума на средства би можеле и тие. Значи до крајот на годината, тоа ние ќе го дефинираме и веднаш ќе се знае во јануари, дали ќе добијат 160 денари студентски оброк или ќе биде проширен опсегот, изјави Јаневска.