Речиси 1.000 реакции бројат кампањите со кои, меѓудругото се бара унапредување на квалитетот на јавниот превоз во Скопје, зголемена транспарентност на Владата и одговорност на институциите за пожарите во летниот период, а кои моментално се активни на новата онлајн платформа „Реагирај“.
На платформата изработена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), заедно со партнерите од програмата „Граѓаните против корупцијата“ моментално има четири активни кампањи кои граѓаните можат да ги поддржат, односно да реагираат до надлежните за решавање на тие проблеми преку копчето „Реагирај“. Апликацијата генерира мејл кој може директно да се испрати до надлежните преку електронска пошта за решавање на одреден проблем.
Целта на апликацијата е да се овозможи побрза и поефикасна комуникација помеѓу граѓаните и институциите, а на овој начин граѓаните директно се вклучуваат во активната борба со корупцијата и добиваат можност да делуваат и да реагираат кон носителите на одлуки, наведоа креаторите во претставувањето на апликацијата.
Реакциите веќе даваат резултат
Реакциите на граѓаните преку новата платформа веќе даваат некаков резултат. Миша Поповиќ од ИДСЦС за Радио МОФ вели дека преку луѓето што ги познаваат, а кои испратиле реакции, знаат дека институциите враќаат на одговорите.
Според Поповиќ, ефектот со ваквиот начин на притисок кон надлежните треба да се гледа низ призмата на тоа што се постигнува директно, а тоа, како што вели, може да биде реакција на институциите.
„И ете на пример, од Министерството за образование веќе се доби, по однос на реакцијата за како се трошат парите на родителите во училиштата. Таа реакција предизвика одговор од МОН, во кое што, во процесот на подготовка на нови законски решенија ќе се има предвид овој проблем. Повеќемината што испратија реакција, добија одговор од МОН, така што очекуваме дека институциите барем ќе видат дека има граѓани кои се подготвени, не само да го изразат своето незадоволство на социјалните мрежи, со своите пријатели, во некое слободно време, условно кажано, туку да искористат комуникациска алатка – мејл, за да го изразат своето незадоволство директно онаму каде што лежи проблемот“, вели Поповиќ.
Вториот ефект на алатката, како што вели тој е дека алатката гаи граѓански активизам и се негува индивидуалното делување, каде граѓаните сфаќаат дека не функционираат само во група, туку и поединечно.
„И дека и на еден и на друг начин, во група и поединечно имаат некоја моќ, во услови во кои голем дел од граѓаните се разочарани и можеби делува дека нивната перспектива е со доза на песимизам. Меѓутоа, вака се гради демократијата“, објаснува Поповиќ.
Од тоа што го знаат, преку луѓето кои ги познаваат, а кои испратиле реакции, Поповиќ вели дека конкретно досега биле вратени два условно кажано одговори на четири реакции.
„Едниот е овој што го споменав со Министерството за образование и вториот одговор од лицето за располагање со информации од јавен карактер при Влада, во реакцијата за необјавувањето на советниците на премиерот, во кој што се доби практично ист одговор кој што го имаат добиено и новинарите. Не би го нарекол тоа квалитетен одговор, заради тоа што, ние бараме да се објават податоците за советниците, и новинарите добиле одговор дека ќе се објават тогаш, кога ќе се комплетира листатa. И практично и ние го добивме тој одговор“, вели Поповиќ.
„Меѓутоа, повторно ќе кажам, во оваа фаза, можеме да разговараме за тоа дали институциите игнорираат или реагираат на реакцијата на граѓаните. И реагираат на реакциите на граѓаните. Ќе видиме понатаму како ќе се развива таа комуникација во смисла, дали ќе се зголемува квалитетот на одговорите од институциите, како што граѓаните одбираат конструктивно да придонесат, со тоа што испраќаат реакција до институциите, така и институциите да одберат конструктивно да одговорат, во смисла на тоа навистина да се зафатат да го решат проблемот“, рече тој.
Кампањите на платформата имаат времетраење, а што потоа, според Поповиќ зависи од кампања до кампања. Некаде, вели логично ќе биде да се предвидат нови чекори, а некогаш ќе биде само реакција и изразување некакво незадоволство на граѓаните.
Но, во принцип, сите кампањи на апликација остануваат архивирани, за корисниците да можат за што се се’ реагирало.
„Во некои случаи каде што ние ќе дознаеме која ќе биде реакцијата на институциите, ќе објавиме посебни текстови за да знаат исто така граѓаните што бил успехот од тоа што го направиле. Меѓутоа, секако дека размислуваме и за опции во кои што од една реакција следи друга реакција и така натаму. Меѓутоа, тоа се зависи од контекст“, истакна Поповиќ.
Граѓаните можат да предложат свои идеи
Самата замисла на апликацијата е и граѓаните да се вклучат граѓаните со свои идеи. Предлозите може да се испраќаат на мејл адресата reagiraj@idscs.org.mk. Од ИДСЦС претходно нагласија дека предлозите и идеите на граѓаните се неопходни за да се подобри заедничката борба против корупцијата и да ги засилат акциите.
„Секој предлог или идеја е вреден и може да придонесе кон позитивни промени во општеството. Ве охрабруваме да ги споделите сите ваши мисли и иницијативи, без разлика дали се однесуваат на конкретни проблеми или општи предлози за подобрување на системот“, посочија од ИДСЦС во најавата за апликацијата.
Сега засега, принципот на додавање нови идеи ќе остане на тој начин, поради тоа што, како што рече Поповиќ, од нивна страна, како уредници на апликацијата треба да се најдат одговорните институции, да ги соберат нивните мејлови, да формулираат кратка и јасна порака и да се објасни проблемот.
Извор: radiomof.mk