Во текот на целата оваа година повеќе се купувале нови патнички автомобили, наспроти во претходната 2023 година.
Тоа го покажуваат податоците на Царинската управа на земјава, за бројот на увезени возила во првите 10 месеци од годинава, бидејќи за ноември и декември, кој не е ни поминат, се уште нема податоци. Речиси сите 10 месеци од годинава бројот на увезени нови возила надминува по 1.000 возила, освен јануари, кој бил исклучително слаб, и септември, кој сепак, само за малку не ја достигнал „илјадарката“.
Или, за 10 месеци, набавени се вкупно 11.180 нови возила, додека, пак, во целата 2023 година бројот на увезени нови возила не успеал ниту да стигне до 10.000, односно изнесувал 9.999 нови коли, а ако, пак, од него се одземат ноември и декември, излегува дека во првите 10 месеци од ланската година се увезени и во земјава се внесени само 8.147 нови возила, или помалку за 3.033 нови возила.
Да погледнеме како во првите 10 месеци од годинава се движел увозот на нови возила. Јануари кој вообичаено важи за слаб месец, бил и оваа година навистина лош, веројатно поради оној долг период на преживување кој е карактеристичен за тој месец, а и истрошеноста на граѓанството од претходните новогодишни прослави и празнувања. Значи, јануари стартувал со само 583 увезени нови патнички автомобили, но затоа по него следувале февруари и март со 1.164 и 1.034 набавени коли, а воопшто не било лошо ниту во април и мај, со 1.276 и 1.212 увезени „убавици на четири тркала“. Следуваат јуни и јули, кои исто така биле одлични, со 1.289 и 1.237 увезени нови патнички автомобили, а сосема одличен бил и август, со 1.279 увезени коли. Е сега, септември не е баш најсјаен, и во тој месец се увезени 970 нови коли, но затоа честа ја спасува октомври, кога увозот бил 1.136 увезени возила.