Македонците сè помалку заинтересирани за државна работа
Алма Кариер С.Македонија, најпозната по својот портал Vrabotuvanje.com, и оваа година за време на Регионалниот саем за вработување спроведе истражување чија цел беше да се утврди состојбата на пазарот на труд во Македонија и регионот.
Истражувањето беше спроведено со помош на партнерските портали од регионот: MojPosao.hr - Хрватска, MojPosao.ba - БиХ, Infostud.rs - Србија и Deloglasnik.si - Словенија.
Истражувањето беше спроведено како стандардно испитување на ставовите на јавноста преку 20 прашања, од кои одредени групи прашања беа фокусирани на 3 демографски групи на испитаници: вработени, невработени и оние кои се уште учат/студираат.
Во истражувањето учествуваа повеќе од 6.000 испитаници, од кои скоро 1.000 испитаници беа од Македонија. Меѓу македонските испитаници беше 57% вработени, 40% невработени и 3% испитаници кои се уште учат.
Два најважни фактора при избор на работодавач: висината на платата и меѓучовечките односи
Како и минатата година, најважниот фактор при изборот на ново работно место оваа година беше висината на платата (според 70% од испитаниците). Добрите меѓучовечки односи сè уште се многу важни и се на второ место на нашата листа (62%).
Иако испитаниците обрнуваат внимание на други работи при изборот на работодавач, сè друго е помалку важно. На трето место е можноста за учење и напредок (37%), а на четврто местото е работното време (34%).
Висината на платата и добрите меѓучовечки односи се на прво место кај испитаниците од сите земји во регионот.
Со знаење и мотивација до работа
Ги прашавме учесниците во истражувањето што сметаат дека е најважно за добивање работа, односно што можат да направат за да го освојат потенцијалниот работодавач.
Најмногу испитаници од Македонија (33%) сметаат дека тоа е нивната мотивација и желба за вработување. На второ место се знаењата и вештините (23%). Исто толку испитаници сметаат дека за добивање работа е важно работното искуство.
Дека среќата е најважен фактор за добивање работа сметаат само 5% од испитаниците, а 7% ги истакнуваат добрите контакти и познанства. За формалното образование се одлучиле само 2% од испитаниците, а исто толку сметаат дека е важна партиската припадност.
Кога станува збор за регионот, Словенците во нешто поголема мера отколку останатите укажуваат на работното искуство и добрите контакти и познанства како клучен фактор за добивање работа, но во помала мера ги сметаат за важни знаењето и вештините.
Колкава плата сакаме?
Кога се работи за посакувана плата, испитаниците од Македонија најмногу (37,5%) сакаат плата помеѓу 500 и 750 евра. 26,4% би сакале плата од 751 до 1000 евра, а само 14% од 1000 до 1300 евра плата. Нешто поамбициозни очекувања, односно плата од над 2000 евра, имаат само 4% од испитаниците.
Само секој четврти испитаник добил зголемување на платата оваа година (23%), додека 14% добиле корекција поради инфлација. Тоа е нешто повеќе отколку минатата година. Повеќе од половина од испитаниците (43%) оваа година не добиле никакво покачување, ниту го очекуваат, додека 19% не добиле зголемување на платата, но се надеваат на него до крајот на годината.
Зголемувањата или корекција на плата во најмала мера добиле вработените во Босна и Херцеговина, додека најмногу добиле испитаниците од Словенија.
Во наредната година скоро две третини од испитаниците (60%) планираат промена на работното место, 10% не размислуваат на тој чекор, а 30% би го направиле, доколку бидат приморани на тоа.
Стравот од губење на работното место е сè помал
45% од испитаниците од Македонија не се плашат од губење на работното место, 36% не размислуваат на тоа, а страв од губење на работното место имаат само 19% од испитаниците, што е во пад споредено со претходните години.
Од губење на работата најмногу се плашат испитаниците од Словенија (28%), а најмалку од Хрватска (17%).
Само 13% од испитаниците би работеле државна работа
Како и минатите години, кога би избирале компанијата според сопственоста, испитаниците од Македонија најмногу би избрале приватна компанија во странско сопствеништво (51%), 24% би работеле во домашна компанија во приватна сопственост, а најмалку испитаници избрале сопствена компанија (7%). Популарноста на државните компании и јавната управа опаѓа, па така само 13% од испитаниците би избрале јавна установа во државна сопственост како свој работодавач.
Странско приватно сопствеништво е најпопуларно во Македонија и Босна и Херцеговина, додека домашни приватни компании најмногу бираат испитаниците од Словенија.
Невработени
Од невработените испитаници од Македонија, најмногу (42%) се невработени 3 месеци или помалку, 22% се без работа од 3 до 6 месеци, додека 8% бараат работа подолго од 5 години.
Поголемиот дел од невработените (54%) бараат било каква работа, без разлика дали е во струката или надвор од неа, додека 28% бараат работа исклучиво во струката.
Невработените од Србија најмногу бараат работа исклучиво по струката, а најмалку во Словенија.
Иако сме сведоци дека е се потешко да се дојде до вработени, сепак кандидатите не добиваат одговор на апликациите од работодавачите. Малку повеќе од половина од испитаниците (57%) велат дека никогаш или многу ретко добиваат повратни информации на своите апликации за работа, 17% изјавиле дека добиваат одговор на половина од пријавите, а 26% од испитаниците добиваат одговор често или секогаш.
Колку е ова лошо за employer branding на компаниите покажува податокот дека испитаниците ќе избегнуваат повторно да се пријават на оглас во компанија каде не добиле одговор (50%), 7% ќе ја критикуваат компанијата на пријателите и семејството или дури ќе избегнуваат да користат производи и услуги на таа компанија (7%). Сепак, повеќе од една третина од испитаниците (41%) изјавиле дека недобивањето на повратен одговор на нивната апликација за работа не влијае на нивното мислење за таа компанија.
Младите сè помалку оптимистични во врска со периодот на наоѓање работа
Една третина од испитаниците од Македонија кои сè уште учат или студираат (33%) веруваат дека нова работа ќе најдат во рок од еден месец по завршувањето на образованието, 29% сметаат дека за тоа ќе им бидат потребни до 3 месеци, додека 10% веќе чекаат работа или веќе работат.
За да стекнат некое работно искуство пред вистинското вработување, испитаниците се подготвени да работат хонорарно (52%) или да посетуваат пракса (40%), додека само 3% се заинтересирани за волонтирање. Охрабрувачки е фактот што младите, барем отприлика, знаат со што сакаат да се занимаваат, дури и ако не се сто проценти сигурни во кој правец да тргнат, сепак имаат некоја визија за нивното идно занимање.
За истражувањето
Во истражувањето учествуваа повеќе од 6.600 испитаници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија; од Македонија учествуваа нешто помалку од 1.000 испитаници. Од испитаниците од Македонија, 57% се вработени, 40% се невработени, а само 3% сè уште учат.
Од испитаниците од Македонија, 64% се жени, а 36% се мажи. Најголем дел од испитаниците се на возраст од 36 до 45 години (37%), 29% се над 45 годишна возраст, од 26 до 35 години имаат 23% од испитаниците. 12% од испитаниците се помлади од 25 години.
Најмногу испитаници имаат завршено средно образование (44%) или повисоко образование или факултет (41%).