Новогодишната кошничка почнува да важи денеска за маркетите кои се дел од трговските центри низ државата, за сите останати обврска за трговците е да ги намалат цените и да продаваат со 10 отсто попуст на договорените производи од понеделник. Надлежните објавија дека над 900 прехранбени производи ќе бидат обележани во маркетите.
Трговците се тие кои ја подготвија практично оваа празнична потрошувачка кошничка. И нивната обврска е од утре производите кои најногу според нив се продаваат во текот на овој период од годината да ги продаваат за 10 отсто пониска цена во споредба со онаа цена која важела пред 30 дена. Властите потенцираа дека казни не се предвидени сега затоа што оваа мерка ја подготвиле трговците и тие ќе бидат многу поопштествено одговорни од периодот кога на сила беше Есенската кошничка. Секако Државниот пазарен инспекторат ќе биде на терен да ја следи состојбата.
„Сите производи ќе бидат означени, а за тоа ќе се грижи Државниот пазарен инспекторат којшто континуирано ќе ја следи работата на маркетите и се очекува семејниот буџет да биде заштитен со намалување на цените на овие производи. Очекуваме позитивни ефекти и очекуваме за празниците потрошувачката кошничка да биде што побогата“, велат од Владата.
Освен основни прехранбени производи, во листата влегуваат и производи кои граѓаните најчесто ги набавуваат во текот на еден месец. Со намалени цени освен лебот ќе се продаваат и пекарските производи и житарките. За празничната трпеза ќе може да се набавува и риба, месо млечни и сувомеснати производи. Исто така вино и пиво, овошје и зеленчук, кондиторски производи. Сепак општата перцепција и искуството на граѓаните е дека нема никакви промени да се случат во однос на подобрување на куповната моќ на домаќинствата. Сега властите не излегуваат со пресметки кои во случајот со Есенската кошничка беа дека семејствата кои ќе ги купуваат означените производи ќе заштедат околу 1200 денари. Но, пресметката на Сојузот на синдикати покажа дека минималната потрошувачка кошничка во делот со храната е намален за помалку од едно евро.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата односно трошоците на живот на годишно ниво се зголемени за над 4 отсто. Економистите и натаму апелираат да се донесе одлука за посериозно зголемување на платите, пред се на минималната, а не да се носат мерки кои се краткорочни и не даваат резултати.