Селото Галичник веќе три недели е отсечено од светот поради непрооден пат, а од синоќа е и без електрична енергија. Жителите преку месната заедница упатија апел до надлежните институции да го расчистат патот и да ја вратат струјата во селото.
„Бараме да ни овозможат проодност до Галичник, кој веќе трета недела е отсечен од патна комуникација. Според активните сообраќајни законски норми, станува збор за регионален пат кој мора да биде постојано прооден“, стои во соопштението на месната заедница.
Дополнително, од месната заедница информираат дека селото трета недела е без улично осветлување, а од синоќа поради дефект на 20-киловолтен далновод, жителите останале и без струја.
„Во Галичник има постојани жители, а многумина сопственици на имоти имаат работни обврски што бараат повремено присуство во селото. Поради тоа, неопходен е пристап и функционирање на основните услуги“, се додава во соопштението објавено на социјалните мрежи.
Жителите на ова мијачко село очекуваат навремена реакција од надлежните институции за расчистување на патот и нормализирање на снабдувањето со електрична енергија.