Кафеаните еден месец пред Нова година се полни. Ова го потврдуваат и кафеанџиите, кои велат дека интересот за славење годинава е многу поголем од минатите години и оти од 20 декември до 2 јануари 2025 година веќе сè е зафатено.
Цените за разлика од лани се покачени за околу 10 отсто, а најголемо влијание на цените имаат високите хонорари на пејачите, кои достигнуваат и до 5.000 евра за една вечер. Освен Скопје, за новогодишните празници и нашиот најголем туристички центар ќе биде преполн со домашни и со странски туристи, кои, главно, ќе дојдат од соседните земји. Новогодишните аранжмани во голем број хотели, ресторани и во други угостителски објекти се веќе распродадени.
– Има поголем интерес за пречек на Нова година во кафеаните отколку минатите години. Цените на менијата за новогодишните прослави се движат од 1.800 до 2.200 денари, со неограничено пиење. Во менито има: салата, ладно предјадење, топло предјадење, главно јадење, вечера и десерт. Цените се за 5 до 7 отсто повисоки од лани, што е очекувано со оглед на тоа што се зголемија цените на храната и платите на угостителските работници – изјави за весникот ВЕЧЕР Перица Голомеиќ, скопски угостител.
Угостителите велат дека сега е моментот да заработат, бидејќи по празниците, кафеаните и рестораните се празни, а некои одат на колективен одмор. По празниците, има голема дупка и имаме колективен одмор до 9 јануари. Оние што ги имаат споено празниците ќе одат некаде на планина, а оние што ќе останат во градот нема да одат по кафеани, бидејќи се истрошени од Нова година, велат некои од угостителите за весникот ВЕЧЕР.
– Цените на храната и на угостителските услуги не се толку покачени во однос на хонорарите на музичарите. Ако некој пејач или пејачка порано земал 500 евра, сега бара 1.000 евра за една вечер. Да не зборуваме за странските пејачи и за оние што доаѓаат од Србија. Под 5.000 евра нема ниту една пејачка од Србија. И нашите видоа дека многу се бара жива музика во кафеаните и двојно ги качија цените. Сега и тие бараат од 3.000 до 5.000 евра за една вечер. Тие земаат и бакшиш и заработуваат многу повеќе од нас. Сега ќе бараме да направиме претходно договор за настап со сите пејачи, а парите ќе им ги платиме на сметка, затоа што има многу инспекции и мора да се заштитиме – изјави за весникот ВЕЧЕР Здравко Добревски, сопственик на угостителски објект.
Цените на менијата за предновогодишните забави и за Нова година се 1.250 и 1.650 денари со неограничено пиење, салати, предјадење, главно јадење и десерт. Добревски вели дека цените се повисоки за 10 отсто, но тоа не се должи толку поради зголемените цени на храната и на работната рака, туку на високите хонорари на пејачите.
И во Охрид голем дел од хотелите нема да организираат пречек на Нова година токму поради високите хонорари.
– Голем број хотели во Охрид нема да организираат пречек на Нова година поради високите хонорари на пејачите. Поради тоа, поголем дел од нив се само со ноќевање и не организираат пречеци. Во хотел со четири ѕвезди за спиење ќе платите од 70 до 80 евра, а во оние со три и помалку ѕвезди се поевтини. Има и апартмани што чинат од 150 до 200 евра за ноќ. Во приватното сместување цените се движат од 20 евра, па нагоре, а во полуксузните и за 100 евра. Куќите и вилите се закупуваат од 300 до 400 евра за неколку дена – изјави за весникот ВЕЧЕР Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ – Асоцијацијата на хотелиери.
Тој додава дека хотелите се пополнети веќе неколку недели и дека во приватното сместување сè уште може да се најде место. Цените на угостителските услуги се за околу 10 отсто повисоки од лани, а освен на плоштадите во Охрид и во Струга, организиран пречек на Нова година, со богато мени и многу забава, ќе има и во кафеаните, ноќните клубови, дискотеките…
– Најбројни се гостите од соседството, а освен од Србија, Црна Гора, Албанија и од Грција, има и многу гости од Бугарија. Бугарите имаат традиција и најчесто одат во поблиските места, со автобуси и преку агенции. Освен кај нас, ќе има доста гости од Бугарија и во Јужна Србија – додава Блажевски.
Угостителите во Охрид и во Струја се согласуваат дека ретко кога досега се случило најголемиот дел од хотелите уште во ноември да ги распродадат новогодишните аранжмани, а оние со поголем капацитет да бидат исполнети од 60 до 90 проценти.