Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) издаде препораки до жителите на Скопје што треба да ги следат од вечерва од кога е најавен прекин во водоснабдувањето.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) препорачуваат граѓаните да складираат доволно вода за основни потреби како пиење, готвење и хигиена, користејќи чисти садови. Дополнително, потребно е да се обезбеди вода за санитарни потреби, која може да се чува во канти, кофи или големи садови. Исто така, советуваат да се набави флаширана вода.
Складираната вода треба да се користи рационално, само за основни потреби, додека активности како перење на алишта или чистење автомобили да се одложат. Во случај на недостапност на вода, за лична хигиена се препорачува употреба на дезинфекциони средства или влажни марамчиња, а за тоалетите да се користат резервите на вода или алтернативни санитарни раствори.
ИЈЗ истакнува дека во тек на прекините во водоснабдувањето, треба да се готват оброци кои бараат минимално количество вода, а за сервирање да се користи еднократен прибор. Водата од неконвенционални извори, како бунари, мора да се преврива пред употреба. Посебно внимание треба да се посвети на ранливите категории, како бебиња, стари лица и луѓе со здравствени проблеми, за да имаат доволно резерви на вода.
Препораки за институции и угостителски објекти
Здравствените установи треба да обезбедат доволни резерви вода за потребите на пациентите и персоналот, како и дополнителна флаширана вода. Медицинскиот персонал е советуван да одложи некритични процедури кои бараат вода и да користи средства за дезинфекција и стерилни марамчиња за хигиена.
За рестораните и кафулињата, препораките вклучуваат обезбедување флаширана вода за подготовка на пијалаци и храна, како и адаптација на менито за да се избегнат оброци кои бараат многу вода. За санитарни потреби, треба да се користат резервоари и средства за дезинфекција.
Најавен прекин на вода во Скопје
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека поради санирање на четири дефекти, ќе има прекин на вода во Скопје од 22 часот, петок (20 декември), до завршување на поправките. Прекинот ќе ги опфати повеќето корисници на десната страна од Вардар, вклучувајќи ги населбите од Ѓорче Петров до Зелениково и Студеничани.
Најавениот прекин предизвика зголемена побарувачка за вода во маркетите, особено за петлитарските туби.
Извор: 360stepeni.mk