Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека владата донела одлука за блокирање на платформата ТикТок. Оваа мерка е дел од иницијативата за зголемување на физичката и дигиталната безбедност во училиштата, презентирана на средба со родители и наставници.
Според Рама, блокирањето на ТикТок ќе трае една година, а за негово имплементирање ќе бидат потребни шест до осум недели, почнувајќи од почетокот на следната година.
„Направивме детални истражувања од технолошки аспект. Во Република Албанија ТикТок целосно ќе биде недостапен за сите. Во текот на оваа година ќе следиме како реагираат другите земји и самата платформа. Тоа е наша должност,“ изјави Рама.
Министерката за образование, Огерта Манастирлиу, го презентираше новиот акциски план, изработен во соработка со Националната управа за сајбер безбедност и Националната агенција за информатичко општество. Таа објасни дека забраната за ТикТок е дел од пакет мерки за заштита на децата од негативните ефекти на социјалните мрежи.
„Се фокусираме на подобрување на безбедноста во училиштата и заштита на учениците од влијанието на социјалните мрежи, што е суштински дел од нашиот план,“ изјави Манастирлиу.
Со оваа одлука, Албанија станува првата земја во регионот што воведува целосна забрана за ТикТок, популарната платформа за кратки видеа во сопственост на кинеската компанија БајтДенс.
Избор: kurir.mk