Некаде во секој дом, во некоја заборавена фиока, се крие кутија со рачно напишани новогодишни честитки. Нивните светкави бои, убави пораки и топлина некогаш беа симбол на празничниот дух.
Денес, тој симбол полека исчезнува, притиснат од товарот на модерната технологија.
„Секој декември, порано продавав по стотици честитки. Луѓето чекаа во редици за да изберат совршена порака за семејството и за пријателите. Но, сега, ретко кој застанува пред штандот“, вели Даниела, сопственичка на мала книжарница во Скопје.
Таа веќе три децении продава честитки, забележува драстичен пад на побарувачката во последните десет години.
„Пораките преку телефони и социјалните мрежи го заменија моментот кога со рака ќе напишеш нешто значајно. Брзината ја победи искреноста“, додава Даниела со тага.
Од „среќна Нова година“ до „Seen“
Дигитализацијата донесе многу промени во начинот на комуникација. Со само неколку кликови, можете да испратите порака на стотици луѓе одеднаш.
Електронските честитки, анимациите и GIF-овите станаа главен начин за изразување на празничниот дух.
„Денес е полесно. Една порака на WhatsApp или Viber и завршуваме работа“, објаснува Јован Димитриевски, млад професионалец од Скопје. „Но, искрено, не е исто. Тие честитки имаа посебна тежина. Кога ќе ги добиев, ги чував со години“.
Според психологот Сања Љубеновиќ, оваа промена не е само технолошка, туку и културолошка.
„Луѓето стануваат помалку посветени на одржување блиски односи преку лични гестови. Новогодишните честитки беа симбол на внимание и љубов. Денес, тие се губат во ерата на брзината“, истакнува Љубеновиќ.
Бизнисот што изумира
Економски, исчезнувањето на честитките е удар за мали занаетчии и печатници.
Дарко Илиевски, сопственик на мала печатница, споделува дека некогаш добиваше нарачки за илјадници честитки, особено од компании.
„Сега, фирмите испраќаат електронски честитки. Малите занаетчии како нас останаа без работа“, објаснува Илиевски.
Иако продажбата на новогодишни честитки опаѓа, има и такви кои се обидуваат да ја вратат традицијата.
Елизабета Тодоровиќ, дизајнерка на уникатни рачно изработени честитки, вели дека нејзиниот бизнис полека расте, благодарение на луѓето кои ја ценат креативноста.
„Се трудам да создадам честитки кои ќе го доловат духот на празниците. Рачната изработка секогаш има посебна вредност,“ вели Тодоровиќ.