Здружението на лиценцирани такси превозници побара, а Советот на Општина Битола им одобри да се зголемат цените на услугите за такси превоз во Битола.
Сите такси превозници на старт ќе наплаќаат по 60 денари, а потоа во прва тарифа ќе се наплаќаат по 35 денари од изминат километар. Во втора тарифа 40, а тарифата за трета ноќна смена, како и за такси-услуга за време на празник и во недела ќе чини по 45 денари за изминат километар.
Здружението на лиценцирани такси-превозници, првата тарифа и тарифата за трета смена, празник и недела ќе ги применува веднаш по стапување на одлуката во сила, додека тарифата за изминат километар по 40 денари времено нема да се користи, но доколку дојде до зголемување на трошоците поврзани со нивната дејност од над 10 насто, тогаш ќе биде ставена во функција.
Таксистите за чекање на клиентот во траење од еден час ќе наплаќаат по 400 денари.
Одлуката ќе стапи во сила со објавување во општинскиот Службен гласник.
Најевтин за битолчани останува јавниот автобуски превоз, а цената на билетот е 30 денари за сите релации во градот.