Прашањето што најчесто ќе се поставува на интервјуата за работа во 2025 година полека почнува да станува јасно. Најважното прашање кое секој кандидат треба да го очекувате е: Колку сте запознаени со вештачката интелигенција (AI) и како ја користите?
Како и секое друго прашање на интервју, најдобриот одговор обично вклучува некаква приказна. Бидејќи веднаш штом ќе кажете: „Доста добро сум запознаен со AI“, работодавецот ќе сака тоа да го докажете. Можете да кажете дека сте брилијантни, исклучително емпатични, доверливи или најбрзиот програмер на светот, но клучната работа е да обезбедите веродостојни докази. Да се каже дека сте запознаени со нешто не е исто што и да го демонстрирате тоа. Тука на сцена стапува вештината за комуникација.
Кога одговараме на прашања за време на интервју, приказните служат како брз пат до нашите мисли и искуства. Затоа, кога ќе нè прашаат: „Како користите AI?“, најдобриот одговор започнува таму каде што можеби не би очекувале – кај проблемот што се обидувате да го решите.
Приказна наместо опис
Наместо да набројувате придавки за тоа колку сте запознаени со AI, зборувајте за тоа како го користите за решавање на проблеми. Кој е, всушност, проблемот што се обидувате да го решите?
Започнете од таму, бидејќи секој работодавец бара луѓе кои можат да решаваат проблеми. Независно од индустријата, работник кој нуди решенија секогаш е барана личност. Како AI ни помага побрзо, поефикасно и попрецизно да дојдеме до решенија? Кои се откритијата што сте ги направиле работејќи со AI?
Ако не сте сигурни како вашето искуство одговара на позицијата, не плашете се да прашате: „Мислам дека овие вештини добро би одговарале, но ме интересира како моето искуство се вклопува во оваа улога?“. Прашувањето за повратна информација е одличен начин да се уверите дека сте на вистинскиот пат и да го претворите интервјуто во конструктивна дискусија.
Конфликтот како дел од одговорот
Секоја добра приказна има некаков конфликт. Кај AI, конфликтите се бројни, како на пример „халуцинации“ (кога AI измислува информации) и недостаток на објаснувања (кога не е јасно како AI дошол до одредени заклучоци). Друг збор за конфликт е „предизвик“ или „препрека“. Во секоја добра приказна, постојат препреки што треба да се надминат – и токму тие препреки ја покажуваат вашата стручност.
Како AI ви помогнал да постигнете резултати, да ги проширите можностите или да создадете нови откритија? Каква улога игра AI во вашата моментална или претходна работа? Еден од предизвиците би можел да биде вашето ниво на доверба во резултатите што ги генерира AI. Или пак интеграцијата на AI во вашата (или претходна) работна средина. Што сте откриле работејќи со AI?
Ако барате нова работа, размислете како AI може да ви помогне во тој процес. Тоа не е само уште еден дел од вашата приказна, туку и можност да изградите искуство околу пронаоѓањето на следната можност. Клучот за развој на компетенции во кое било поле (вклучувајќи ја и вашата потрага по работа) започнува со запознавање. Кога одговарате на прашања за AI, запознајте се со начините на кои можете да зборувате за проблемите што можете да ги решите со негова помош.
Извор: mojposao.hr