Сè поголемиот отпор на вработените кон враќањето во канцеларија се манифестира преку наизглед едноставен чин: повременото доаѓање за кафе и поздрав со колегите.
Сè повеќе компании низ светот, особено во САД, донесуваат одлуки за враќање на вработените во канцелариите. Но, работниците реагираат на суптилни и креативни начини – еден од нив е „кафе-баджирање“.
Овој неформален тренд, познат како „кафе-маркирање“, подразбира кратки посети во канцеларијата, често само за да се испие кафе и да се поздрават колегите, со што вработените симболично ја покажуваат својата присутност, но и отпорот кон губењето на флексибилноста и наметнатите правила.
„Coffee badging е термин кој го воведе Owl Labs во својот извештај за хибридна работа за 2023 година,“ објаснува Франк Вајсхаупт, извршен директор на оваа компанија за видеоконференциска технологија. „Забележавме дека вработените не се враќаат во канцелариите на традиционален начин, од 8 до 17 часот, пет дена во неделата. Наместо тоа, тие доаѓаат само за да покажат присуство, да испијат кафе, да ги поздрават колегите, можеби и шефот, и така да го исполнат формалниот услов за враќање.“
Како што пишува CNBC Make It, експертите нагласуваат дека ваквите трендови често се поврзани со општата состојба на пазарот на труд. За време на пандемијата, кога побарувачката за работници беше голема, доминираше феноменот „тивко откажување“. Но, како што пазарот на труд станува сè потензичен, особено за административните работни места, „coffee badging“ станува одговор на построгите канцелариски политики.
Иако американската економија сè уште е силна, пазарот на трудот забавува. Во ноември се создадоа само 227.000 нови работни места, значително помалку од месечниот просек од 399.000 во 2022 година и 251.000 во 2023 година, според податоците на Заводот за статистика на труд.
Ова забавување ги поттикна големите корпорации на построги одлуки за работа од канцеларија. Amazon, на пример, во септември предизвика реакции кога извршниот директор Енди Џеси најави задолжително враќање на вработените во канцелариите пет дена неделно од јануари 2025 година. Како втор најголем работодавач во светот, со 1,5 милиони вработени, Amazon се соочи со критики, вклучувајќи и отпор од сопствените вработени.
„Вработените во Amazon го изразија своето незадоволство поради ова. Тие сакаат да ја задржат својата флексибилност,“ истакнува професорката Хилке Шелман од Њујоршкиот универзитет, авторка на книгата „Алгоритам“. „Останува да се види дали овој потег ќе предизвика ланчана реакција кај другите работодавачи.“
И покрај промените во односот на моќ помеѓу работодавачите и вработените, многу работници и понатаму пружаат отпор кон постојаното работење од дома. Експертите сметаат дека кафе-баджирањето е суптилен облик на протест.
„Тоа е тивок протест на вработените кои пораќаат: Сакам да работам од дома,“ заклучува Дан Каплан, висок партнер во Korn Ferry.
Извор: mojposao.hr