Според Сојузниот завод за статистика, германските работници биле на боледување во просек по 15,1 работен ден во 2023 година, што довело до огромни економски загуби. Заводот за безбедност и здравје при работа проценува дека поради боледување се губат 128 милијарди евра производство.
Работодавачите предлагаат различни мерки за намалување на отсуството од работа. Шефот на Алијанц, Оливер Бате, предложи да се укине платениот прв ден од боледувањето, додека некои компании воведуваат бонуси за присуство. Хамбургер Хохбан им плаќа на работниците до 615 евра за шест месеци, додека КВГ од Кил плаќа бонуси до 1.000 евра годишно. Овие мерки помагаат, но стапките на боледување се сè уште високи, особено по пандемијата.
Автомобилската и здравствената индустрија се меѓу најтешко погодените
Високите стапки на боледување ја погодуваат автомобилската индустрија, каде што, според шефот на Дајмлер, Ола Калениус, фреквенцијата на боледување во Германија е двојно поголема отколку во другите земји. Тесла во Грунхајде дава бонуси за „златен статус“ до 1.000 евра, а практикува и ненајавени посети на некои работници за време на боледување.
Во здравствениот сектор, боледувањето е уште позастапено – згрижувачите отсуствуваат во просек по 22,4 дена годишно. Клиниките во Хамбург размислуваа за бонуси, но синдикатот Верди ги отфрли, сметајќи дека бонусите не ги решаваат основните проблеми.
Експертите предупредуваат дека менталните болести и респираторните инфекции се главните причини за зголемувањето на боледувањата. Додека респираторните инфекции се зголемија по укинувањето на мерките за коронавирусот, сега почесто се препознаваат и се пријавуваат ментални проблеми.
Дебатата за ефективноста на бонусите и другите мерки останува отворена, додека бројот на отсуства продолжува да ја загрозува германската економија.
Извор: faktor.mk