Еве кои непишани правила треба да се почитуваат кога станува збор за новогодишната елка
Веќе поминаа два големи празника, Нова година и Божиќ, а вчера прославивме и Стара Нова година, па така повеќето домови сè уште се накитени со новогодишни украси и елки.
Но кога ќе поминат сите празници, треба да се тргнат сите украси, па многумина се прашуваат кога е последниот рок за да го направат тоа, бидејќи сите сакаат што подолго да уживаат во празничната атмосфера. Па така, многумина ја оставаат елката накитена до февруари, но тоа не е многу добро.
Имено, повеќето луѓе ја китат елката кон крајот на ноември или почетокот на декември, и ја оставаат така речиси два месеца, што е сосема доволно време за да се насобере многу прашина по украсите, која не е многу лесно да се исчисти.
Постојат и некои непишани правила според кои 12 дена по Божиќ, односно до 18 јануари, сите новогодишни украси треба да се тргнат. Според тие обичаи, сè што си ја завршило својата работа, треба да се отстрани од домот, а тоа важи и за новогодишните декорации. Доколку не ги тргнете, ќе останете заглавени во минатото, а тогаш веќе би требало да размислувате за пролетта и за периодот што ни претстои.
Од друга страна, многу луѓе сакаат да уживаат во своите украси што е можно подолго. Психолозите во разни истражувања откриле дека раното украсување на домот, но и доцното отстранување на украсите, дава чувство на среќа и топлина, а ги намалува тегобите и стресот.
Најстрогите експерти тврдат дека најдобро е да се купи вистинска елка, да се накити на 28 ноември и да уживате во нејзиниот мирис и украси до Нова година, па да ја раскитите на 1 јануари.