Помеѓу огласите за сезонски вработувања во Хрватска и Црна Гора се бараат работници за работни места собарки, помошници во кујна, готвачи и пицари, а платата се движи од 900 до дури 2.500 евра!
Како и секоја година, неколку синџири на хотели и угостителски објекти бараат работници за летната сезона.
За собарка или камериер, платата се движи од 900 до 1.400 евра месечно плус бонуси и работата е од мај до октомври. Во огласите стои дека работникот ќе се грижи за чистотата и уредноста на собите, заедничките простории и ходниците во хотелот и дека не е потребно претходно работно искуство.
На работникот ќе му биде обезбеден оброк и сместување, а ќе бидат покриени и трошоците за издавање на работна дозвола и регистрација.
Во соседните Хрватска и Црна Гора се бараат работници за работно место помошник во кујна, чии должности вклучуваат помагање во подготовката на храната, одржување на чистотата на кујнскиот простор, опремата и инвентарот, помагање во организацијата на кујната и складирањето на храна, како и подготовка на основни состојки за јадења според упатствата на готвачот. Во огласот е наведено дека на работниците ќе им биде обезбедено сместување и исхрана, а и нивната плата ќе се движи од 900 до 1.400 евра. Не е потребно претходно работно искуство.
Од друга страна, помошник готвач во соседството сезонава ќе заработува од 1.400 до 1.800 евра и ќе има можност за вработување по сезоната. На вработените им се обезбедува и сместување и оброци. Во огласот стои дека е потребно претходно работно искуство.
Значително поголема заработка им се нуди на пица готвачите кои летово во Црна Гора и Хрватска можат да заработат и до 2.500 евра месечно. Потребно е работникот да има претходно работно искуство во подготовка на пици по ресторански стандарди. Работодавачот обезбедува оброци и сместување, а покриени се и трошоците за издавање на работна дозвола и регистрација.
Извор: faktor.mk