Пазарот на автомобили е исклучително чувствителен на глобалните економски предизвици, променливите политички ситуации и сè построгите регулативи за емисиите. Побарувачката за автомобили рапидно се зголемува во некои години, додека во други купувачите се принудени драстично да ги променат своите навики. За среќа, некои трендови ни даваат увид на тоа што носи иднината.
Иако глобалната криза со полупроводниците можеби изгледа како минато, нејзиното влијание врз автомобилскиот пазар сè уште се чувствува. Поради големите проблеми со синџирот на снабдување во текот на 2021 и 2022 година, производството на нови автомобили драстично се намали ширум светот.
„Флуктуациите на пазарот на нови автомобили директно влијаат на сегментот на половни автомобили. Во моментов има забележлив недостиг на возила произведени во периодот 2021-2022 година и се очекува овој проблем да продолжи. Понудата на половни автомобили стари 3-4 години ќе биде многу ограничени“, вели Матас Бузелис, експерт за автомобилски пазар во компанијата за автомобилски податоци carVertical.
Поради ваквата состојба ќе се зголеми и цената на автомобилите стари 3-4 години, а нечесните продавачи можат да го искористат тоа со фалсификување на километражата на возилото, сокривање на оштетувања или други дефекти, а со тоа вештачки да ја покачат цената на речиси новите автомобили на секундарниот пазар.
Имајќи го ова на ум, купувачите треба критички да ја проценат состојбата на возилото, да ја проверат историјата на возилото и да се уверат дека информациите на продавачот за возилото се точни.
Пониските каматни стапки ќе ја зголемат продажбата на автомобили
Инфлацијата и зголемувањето на каматните стапки силно го погодија и пазарот на нови и половни автомобили. Многу возачи се одлучија за поевтини автомобили или го одложија купувањето до подобри времиња.
Сепак, со оглед на стабилизирањето на каматните стапки во 2024 година, се очекува продажбата на автомобили да започне со нагорна траекторија во текот на 2025 година.
Како што паѓаат каматните стапки, автомобилите стануваат попристапни, што значително влијае на однесувањето на купувачите. Возачите кои штеделе во последниве години најверојатно ќе почнат да трошат повеќе оваа година.
Пазарот на електрични возила постепено ќе расте
Неразвиената јавна инфраструктура за полнење и високите трошоци го забавуваат растот на пазарот на електрични возила. Иако има интерес за електрични возила, повисоката цена во споредба со конвенционалните модели претставува голема пречка за нивно купување.
Во повеќето земји, поради недостаток на станици за полнење, електричните автомобили најчесто ги купуваат оние кои можат да ги полнат дома.
„Побарувачката за користени електрични возила би можела значително да биде поткопана и поради зголемената популарност на евтините кинески електрични автомобили во Европа. Сепак, неизвесно е дали возачите ќе сакаат да ги купат овие модели, бидејќи постојат сомневања за нивниот квалитет и услугата после продажбата. Повеќето купувачи „ќе продолжат да се одлучуваат за докажани брендови“, објаснува Бузелис.
Дизел автомобилите нема да поевтинат во Источна Европа
Дизел автомобилите долго време доминираа на западноевропскиот пазар, но нивното владеење полека завршува. Купувачите се повеќе се свртуваат кон хибридни и бензински автомобили, додека построгите регулативи за емисиите ги туркаат дизел возилата од пазарот.
Падот на производството на нови дизел автомобили во Западна Европа влијае на понудата на половни дизел возила во Источна Европа.
Поради ограничената понуда, користените дизел автомобили стари меѓу 1 и 5 години најверојатно ќе останат во голема побарувачка во Источна Европа, што значително ќе го забави падот на нивната вредност. Тоа значи и дека купувачите ќе се соочат со повисоки цени отколку што очекуваа.
Година на големи предизвици за европските производители на автомобили
Во 2025 година, Европската унија го намали дозволеното ниво на емисија на CO2 за автомобили од 116 грама на километар на 94 грама. Во случај на непочитување на прописите, производителите ќе се соочат со огромни казни за секое продадено возило.
„Поради сè построгите регулативи на ЕУ за емисии, големите производители на автомобили се на работ на опстанок. На клиентите им е тешко да се одлучат да се префрлат на електрични возила, а зголемената популарност на кинеските марки на автомобили претставува дополнителен предизвик“, вели Бузелис.
Слабата продажба на електрични возила и недовербата кај потрошувачите му создаваат проблеми на целиот автомобилски пазар. Австрија, Бугарија, Полска, Романија, Словачка, Чешка и Италија веќе изразија загриженост за построгите правила за емисии, барајќи од ЕУ да го одложи нивното спроведување, тврдејќи дека казните ќе им наштетат и на производителите и на националните економии.
„Европските производители на автомобили се принудени да воведуваат модели кои слабо поминуваат на пазарот. Покрај тоа, цените на новите автомобили растат, што природно ја забавува продажбата и ги загрозува нивните неуспешни обиди да ја задржат својата работна сила. Брз развој во индустријата е неопходно во текот на следната година за да се спречи непосредна криза. Европа мора веднаш да дејствува, во спротивно ќе се соочи со последиците од строгите регулативи и само ќе гледа како конкуренцијата од Кина фрла сенка врз автомобилската индустрија на континентот“, вели експертот за пазарот на половни автомобили.
Извор: lokalno.mk