Драстично се менува старосната структура на вработените во Хрватска. Во 2008 година, хрватските компании и институции вработуваа околу 609 илјади млади на возраст до 34 години, додека денес бројот на вработени помлади од 34 години е намален на само 497 илјади.
Во текот на 16 години, пазарот на труд загуби 112 илјади работници, што одговара на бројот на жители на градот Ријека. Уште полошо е што овој пад не успеа да го надомести ниту масовниот увоз на странска работна сила, која главно се состои од помлади луѓе, според она што може да се забележи на улиците во Загреб.
Дупло помалку деца
Старосната структура на луѓето на кои лани им беа издадени 200 илјади работни дозволи никогаш не беше објавена. Денес, во работен однос, во возрасната група од 25 до 29 години има околу 37 илјади млади помалку отколку во 2008 година. Во возрасната група од 20 до 24 години намалувањето изнесува 39 илјади, а во возрасната група од 30 до 34 години има минус од 32 илјади.
Иднината не ветува подобрување, бидејќи станува збор за генерации кога бројот на новородените во Хрватска изнесуваше околу 50 илјади годишно, што значи дека бројот на родени деца беше околу 18 илјади поголем од сега.
„Очигледно беше дека демографијата ќе ги одредува движењата на пазарот на трудот, но не очекував толку голем пад на бројот на млади вработени“, коментира поранешниот министер за труд и пратеник Видовиќ, кој сега е претставник на Стопанската комора и надворешен член на собранискиот Комитет за труд.
„Јас сум роден 1956 година, и мојата генерација е најбројна во Хрватска. Во таа година во Хрватска се родиле 63 илјади деца, а во генерацијата на мојот внук – 32 илјади. Ќе се соочиме со огромни проблеми“, вели Видовиќ.
Според него, Хрватска треба сериозно да пристапи кон воведување дуално образование и, како Шведска и други западноевропски земји, да ги воведува младите во светот на трудот уште во средно училиште. Денес, во Хрватска има околу 18 илјади вработени помлади од 19 години, додека пред 16 години тој број изнесуваше 21,6 илјади.
„Во Шведска, средношколците веднаш добиваат договор за работа со платени придонеси и одреден износ плата, со што се негува културата на работа и раното влегување на пазарот на трудот“, објаснува Видовиќ.
Во Хрватска, факултетите намерно ги одложуваат дипломирањата за да ги задржат своите квоти, додека „вечните студенти“ им одговараат и на компаниите затоа што се евтина работна сила преку студентските сервиси.
Покрај иселувањето на младите, компаниите го надоместуваат недостатокот на работници преку вработување на странци и зголемено ангажирање на постари работници. Во Хрватска денес има 152 илјади вработени постари од 55 години, додека во 2008 година тој број беше значително помал.
Иако се вложени милијарди за вработување на младите, нивниот број на пазарот постојано се намалува.
Извор: poslovni.hr