Одлуката Бугарија да влезе во Шенген зоната на 1 јануари 2025 година, со која се укинаа граничните контроли меѓу Бугарија и Грција, отвори нови дилеми кај српските туристи кои ги планираат летните одмори на грчките плажи.
Ова лето, значителен дел од нив би можеле да ја избегнат Македонија, имајќи предвид дека патувањето преку Бугарија ќе значи една граница помалку.
Иако новите услови за патување ќе стапат во целосна сила од 2025 година, можноста за избегнување на метежот на македонско-грчката граница веќе оваа година е предмет на бројни анализи и анкети.
Поедноставено патување, но не за сите
„Со влезот на Бугарија во Шенген, границата меѓу Бугарија и Грција ќе стане формалност. За туристите од Србија, особено за оние кои патуваат со сопствен автомобил, ова е потенцијално голема промена“, вели Зоран Јанковиќ, туристички аналитичар од Белград. „Но, не е сè така едноставно како што изгледа на прв поглед“.
Дел од српските туристи веќе размислуваат да го заменат традиционалниот пат преку Македонија со рутата преку српско-бугарската граница.
Анкета спроведена од српски портал покажала дека 40% од испитаниците се заинтересирани за оваа опција, додека 20% велат дека ќе одлучат во зависност од состојбата на граничните премини.
Сепак, 30% одговориле дека и натаму ќе ја користат македонската рута.
Тур-операторите остануваат на старите патеки
„Не очекуваме големи промени во рутите на туристичките автобуси,“ објаснува сопственик на туристичка агенција во Ниш. „Линиите преку Македонија се веќе добро организирани. Автобусите ќе продолжат да возат по автопатите преку Табановце и Богородица, особено за патници од јужните делови на Србија, како што се Ниш и Лесковац“.
Според него, главната причина е поврзаноста со автопатиштата.
„Иако Бугарија е дел од Шенген, патот кон грчките дестинации, како Тасос и Кавала, преку Софија и Кулата не е целосно покриен со автопат. Затоа, патувањето ќе остане слично по времетраење“.
Ценовни предности и логистика
Голема предност на Македонија за српските туристи останува пониската цена на горивото.
„Полнењето на резервоарот во Македонија е поевтино. Тоа е значајно за туристите кои патуваат со автомобили“, вели Весна Петровиќ, редовна посетителка на грчките плажи. „Исто така, македонските автопатишта се едноставни за следење, што го олеснува патувањето“.
Сепак, граничниот премин Градина останува проблематичен.
„Големата фреквенција на возила на Градина ќе предизвика метеж, особено во шпицот на сезоната,“ објаснува Јанковиќ. „Затоа, многумина сепак ќе се одлучат за проверената рута преку Македонија“.
И покрај новите можности, Македонија останува атрактивна транзитна дестинација за српските туристи, со предности во цените, инфраструктурата и досегашната практика.
Останува да се види дали летната сезона ќе донесе промени во навиките на патниците.