Во студијата која ја спроведоа британските научници, клинички ја одредија песната која најмногу релаксира.
Осумминутната песна „Weightless“ на британскиот бенд „Marconi Union“ го забавува отчукувањата на срцето, го намалува крвниот притисок, го намалува нивото на хормонот на стрес кортизол и помага во заспивањето. Меѓутоа, истовремено не се препорачува нејзино слушање во текот на возењето.
Оваа песна не настана случајно, таа е развиена во соработка со терапевти и искусни поединци во звучната терапија. Тие заедно создадоа посебна формула на хармонии, ритми и мелодии користејќи гитара, пијано, електронски примероци и звуци од природата.
Како дел од експериментот, песната им била пуштена на 40 жени под контролирани услови додека тие имале задача да решат сложувалки, а при тоа биле поврзани со различни сензори. Резултатите покажаа дека песната била 11 отсто порелаксирачка од другите песни вклучени во студијата, пренесе „Atma“.
Научниците песната ја опишаа како „уште порелаксирачка од масажа, прошетка или шолја чај“.
Лиз Купер, основач на Британската академија за звучна терапија, која соработуваше со групата „Marconi Union“ на создавањето на песната, рече дека „Weightless“ е идеална за релаксација по напорниот ден.
„Песната има многу музички елементи кои покажаа смирувачки ефекти“, објасни Купер. „Хармоничните интервали се избрани за да создадат чувство на еуфорија и удобност. Исто така, песната нема репетитивна мелодија, што му овозможува на мозокот целосно да се исклучи бидејќи повеќе не се обидува да го предвиди следниот тон“, додаде таа.
Д-р Дејвид Луис-Хоџсон, еден од научниците кои го спроведоа истражувањето, отиде чекор понатаму и предупреди: „Ви препорачувам да не ја слушате оваа песна додека возите бидејќи тоа може да биде опасно“.