Првата британска училница без наставници можеби е „исклучок“, но ја потенцира и ефикасноста и ризиците од владината иницијатива за воведување на вештачка интелигенција (ВИ) во образованието, велат експертите.
David Game College, приватно училиште во централниот дел на Лондон, речиси шест месеци тестира систем во кој учениците учат основни предмети за државните GCSE испити (кои ги полагаат 16-годишници) преку платформи со вештачка интелигенција.
„Предавањето и образованието ќе бидат трансформирани од ВИ. Во тоа нема сомнеж, а ВИ нема да исчезне,“ изјави ко-директорот Џон Далтон, повикувајќи ги луѓето да се прилагодат и да ја прифатат технологијата.
Системите со ВИ „следат“ како учениците реагираат на наставниот материјал и дава на училиштето „повратни информации за нивните навики при учење“, објаснува Далтон.
Британскиот премиер Кир Стармер овој месец претстави визија за искористување на вештачката интелигенција, ветувајќи дека Велика Британија ќе стане „суперсила во ВИ“.
Владата тврди дека оваа технологија може да им помогне на наставниците во планирањето на часовите и проверката на задачите и веќе развила сопствен ВИ асистент за настава наречен „Aila“, кој е усогласен со националниот наставен план. Наместо наставници, во класовите на David Game College има „ментори за учење“ – квалификувани наставници кои не мора да го познаваат наставниот материјал, туку ги насочуваат учениците во користењето на ВИ системите. Тие исто така ги обучуваат за меки вештини како дебатирање и финансиска писменост.
Пилот-програмата, во која моментално учествуваат седум ученици со еден ментор, е „скок во непознатото“, признава Далтон. Како професор по биологија, тој тврди дека ВИ платформите можат да го проценат знаењето на ученикот „со поголема точност отколку просечен наставник“, овозможувајќи персонализирана настава.
„Верувам дека ВИ ќе го надополни и промени начинот на работа на наставниците“, додава тој.
Сепак, професорката Роуз Лакин од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), која ја истражува улогата на ВИ во образованието, вели дека оваа технологија е „исклучок“ со неизвесна иднина во британските училници.
Иако се согласува дека ВИ ќе ја трансформира улогата на наставниците, таа смета дека е „невозможно“ да се предвиди како ќе изгледа таа улога во иднина.
„Не сакам да бидам премногу негативна, затоа што ако не ги тестираме овие технологии, нема да знаеме како функционираат“, вели Лакин.
Ученичката Масa Алдалате (15) веќе е убедена во ефективноста на ВИ учењето.
„На почетокот бев скептична… Но откако подолго време го користам, доказите се пред мене“, вели таа, седејќи на ротирачко столче опкружена со компјутери.
Дали ѝ недостига традиционалната училница? „Не баш“, одговара таа, додавајќи дека луѓето „емотивно се приврзани“ за класичната училница. „Но ова е многу поефикасно ако навистина сакате да го совладате материјалот.“
Еден од нејзините омилени предмети е англискиот јазик, иако првично била загрижена како платформата со ВИ ќе се справи со креативните аспекти на предметот.
„Мислев дека за англискиот мора да имате наставник со вас. Очигледно не, бидејќи функционира,“ објаснува таа. „Го имате материјалот пред себе, одговарате на прашањата, и сè има смисла.“
Националниот образовен синдикат – еден од двата главни наставнички синдикати во Велика Британија – минатата недела изјави дека е „задоволен што владата става фокус на обука на наставниците за користење на дигитални алатки“.
Но, генералниот секретар на синдикатот, Даниел Кебеде, предупреди дека владините амбиции мора да бидат „поддржани со значителни инвестиции во технологија и ИТ инфраструктура за училиштата“.
Лакин, пак, поставува прашање „колку навистина е ефективен овој ВИ тутор“, надевајќи се дека пилот-програмата ќе даде „цврсти докази“ дали ВИ има позитивно или негативно влијание.
Таа исто така изрази загриженост за тоа дали има „доволно социјално учење“ за учениците, иако училиштето тврди дека тие поминуваат многу време со своите соученици.
Далтон вели дека програмата е добра за идентификување на празнините во знаењето на учениците.
Но, со годишна школарина од 27.000 фунти (32.900 долари) – над 10.000 фунти повеќе од просечните такси за приватни училишта во Велика Британија – овој модел е „елитен“, вели Лакин. Таа исто така нагласува загриженост за нееднаквиот пристап до технологијата и дигиталната инфраструктура.
„Високиот сооднос на ментори во однос на учениците“ е нешто што „не може лесно да се реплицира“, додава Лакин. „Треба да учиме од овие примери, но не гледам дека ова ќе стане реалност за сите.“
Извор: japantoday.com