Прогнозите на туристичките компании – собрани од податоците од анкетите, однесувањето и оценките на корисниците и резервациите прикажуваат нови идеи и замисли за тоа – како, каде и зошто ќе го истражуваме светот оваа година?
– Луѓето се привлечени од трендовите затоа што нудат чувство за шема и разбирање во овој сè покомплексен и брз свет… Кога станува збор за патувањата, трендовите даваат јасност и патоказ за тоа како да се движиме низ светот околу нас, објаснува Џени Саутан, извршна директорка на „Глоубтрендер“ (Globetrender) – агенција за прогнозирање на патувачките трендови во светот.
За Јасмина Бину, извршна директорка на „Концепт биро“ (Concept Bureau), трендовите се признак на најдлабоките копнежи.
– Трендовите во патувањето се прозорец кон она што луѓето навистина го сакаат кога правилата на секојдневниот живот се хаотични. Денес, она што луѓето го сакаат е да се чувствуваат целосно преродено. Додека туризмот во голема мера се врати на нивоата пред пандемијата, економската несигурност, тековните војни во Украина и на Блискиот Исток ја прават 2025 година – сè, освен предвидлива. Може да се каже дека можеби бараме нови катчиња. Трендовите на патувањето како гледање ѕвезди, празнична романса, туризам со носталгија, ноќен живот, „дигитална детоксикација“ итн. ни покажуваат дека луѓето бараат повторно да се поврзат со нешто што им дава подлабоко значење, додава Бину.
Саутан се согласува. Трендовите, според неа, создаваат заеднички наратив – чувство на колективно откритие дека „сите ние сме учесници во светскиот дијалог“ за она што е важно. Следат некои од предвидените и прогнозирани главни туристички трендови за 2025 година.
Ноќен туризам или „Ноктуризам“
Ноќните патувања, музеи што се отвораат ноќе, биолуминисцентни плажи и набљудувањето на Северната поларна светлина – за мнозина се попривлечни од сончањето. Тоа е, се чини убава можност за бегство од Сончевата активност и глобалното затоплување…
Во таа смисла, се посочуваат финската област Лапонија и норвешките острови Лофотен, како и Свалбард и Исланд, каде што непречено може да се ужива во Северната светлина.
„Смирувачки одмори“ („Calmcations“)
Одморот насочен исклучиво кон постигнување чувство на опуштеност, мир и спокојство – ќе бидат популарни и во 2025 година. Бегството од бучавата е особено корисно, и според Светската здравствена организација, којашто смета дека загадувањето со бучава – особено сообраќајот, е втора најголема причина за лошо здравје во Западна Европа.
За „бегство во тишината“, се препорачува Маијамаја (во превод: Мајски куќички) на брегот кај Хелсинки, Финска. Се работи за низа кабини без интернет коишто им овозможуваат на гостите повторно да се поврзат со природата… Нешто слично како македонскиот „селски туризам“.
Сè е, всушност, во – бегството од технологијата. Од друга страна, пак, за мнозина други, се очекува технологијата да игра сè поголема улога во планирањето патувања.
Патувања со вештачката интелигенција
Истражувањата покажуваат дека речиси 50 отсто од луѓето веруваат дека ВИ ќе ги планира нивните идни одмори. Истражувањата, исто така, забележуваат дека многу туристички агенции сè уште и немаат сосем јасна замисла околу тоа како да ја користат оваа технологија.
„Трипедвајзор“ (TripAdvisor), на пример, користи ВИ за креирање рути на патување. Синџирот хотели „Хајат“ веќе има „паметни“ кревети што ги следат движењата на отчукувањата на срцето и крвниот притисок за да обезбедат поголема удобност и подобар сон…
Сепак, според истражување на „Здружението на туристички агенти и тур-оператори – АБТА“, патникот од „Генерацијата Зед“ (роден меѓу 1996. и 2012 година) е речиси исто толку навикнат да прелистува хартиен каталог за патувања колку што е веројатно да пребарува на Интернет – што значи дека целосниот премин кон технологија сè уште не е завршен.
Враќање кон летната љубов
Многумина, како што и беше споменато, впрочем, се „дигитално исцрпени“, особено кога станува збор за меѓучовечките односи. Според истражување на „Форбс“ од 2024 година, 79 отсто од „Генерацијата Зед“ велат дека се чувствуваат изморени од барање љубов на интернет. Како да се реши тој проблем? Агенциите и познавачите веќе предвидуваат дека еден од клучните трендови за оваа година ќе биде запознавање нови луѓе во реалниот живот.
Неистражени туристички места
И побарувачката и понудата на неистражени дестинации е во пораст. Луѓето сакаат да патуваат таму каде што ќе бидат добредојдени со цело срце… Во таа смисла, се нудат: Узбекистан, земјите и островите во Источна Африка – Занзибар, Мадагаскар, Алдабра (од Сејшелите) итн.
Сепак, „Ер-БНБ“ (Airbnb) ги нуди и Рим, Токио и Милано, градови кои воведуваат мерки против прекумерен туризам, но „светските патници“, се чини, не се откажуваат од овие метрополи.
„Свежи одмори“ („Coolcations“) и сафари вон сезоната
Oние кои се навикнати на одмор во Jужна Европа, сѐ помалку прашуваат „каде е топло“ и сѐ повеќе – „каде нема топлo“? Тоа е така, бидејќи температурите сѐ повеќе уриваат рекорди низ Средоземјето – климатските промени имаат сѐ поголемо влијание и врз патувањата.
Затоа Финска и Норвешка забележаа раст за 26 отсто во овој сектор во споредба со претходната година, а и годинава се очекува сѐ повеќе туристи да се упатуваат кон Северна Европа. Тука просечните летни температури се околу 20 Целзиусови степени.
Климатските промени се реалност, а туристичкото стопанство и патниците ги следат.
Носталгични патувања
Како што тн. „милениумци“ (родени меѓу 1980. и 1996 година) влегуваат во „средната возраст“, одморите што ги сакале како деца повторно ќе им станат привлечни. Се очекува зголемување на бројот летни кампови, раст на интересот за кампување во континентална Европа и слични и секакви „ретро-понуди“.
Извор: kurir.mk