Железничкиот сообраќај во Македонија се соочува со обиди за оживување, а враќањето на некои од линиите, како што се оние кон Тетово, Гостивар, Штип и кон Кочани, најавени од министерот за транспорт и врски, отвора прашање дали возовите повторно ќе станат популарно превозно средство во земјата.
Според Владата, довербата во железницата се враќа, а очекуваниот годишен приход е околу 13 милиони евра.
Сепак, и покрај овие најави, многу граѓани остануваат скептични поради долгогодишната запуштеност на железничката инфраструктура, честите доцнења и застарените вагони.
Граѓаните сакаат модернизација, но веруваат во потенцијалот на возовите
„Ако возовите се редовни, чисти и безбедни, зошто да не? Во многу европски земји возовите се главно превозно средство. Ако тоа може таму, зошто да не може и кај нас?“, вели Бојан Петрушев, жител на Гостивар кој секојдневно патува до Скопје на работа.
Сличен став има и Андреа Петровска од Штип, која вели дека поевтините возни билети би биле клучен фактор за повеќе луѓе да го изберат овој начин на транспорт.
„Возовите треба да бидат алтернатива за оние кои не сакаат да плаќаат високи цени за автобуси или за гориво. Но, мора да се вложи во комфор, греење и климатизација“, додава таа.
Од друга страна, има и граѓани кои не се убедени дека железничкиот сообраќај ќе се подобри.
„Патувам од Кичево до Скопје и многупати сум чекал повеќе од еден час заради доцнења. Железницата кај нас е оставена на милост и немилост. Ако нема конкретни инвестиции, нема да има ни патници“, вели Горан Николов.
Железницата мора да се обнови за да стане конкурентна
Според експертите за транспорт, враќањето на довербата во железницата бара сериозни инвестиции во инфраструктурата и модернизација на возниот парк.
„Денес, луѓето очекуваат брз, ефикасен и удобен превоз. Ако железницата не го исполни тој стандард, тешко дека ќе стане популарна. Враќањето на линиите е добар чекор, но без модернизација, ова ќе остане само декларативна мерка“, велат аналитичарите.
Враќањето на железничките линии е чекор напред, но предизвикот останува: како да се убеди јавноста дека возовите ќе станат поефикасна и сигурна алтернатива?
Додека властите ветуваат подобрување, граѓаните очекуваат конкретни резултати – побрзи и почисти возови, стабилен возен ред и достапни цени.
Дали Македонија конечно ќе го искористи потенцијалот на својата железничка мрежа или ќе продолжи да биде зависна од автобускиот и од автомобилскиот превоз, останува да се види во наредните години.