Животот во Македонија е испреплетен со традиција, гостопримство и природни убавини, но истовремено е обележан и со економски предизвици, социјални промени и стремеж кон подобар стандард. Но, колку луѓето се навистина задоволни од живејачката во Македонија?
На оваа тема, неодамна спроведовме анкета на нашата веб-страница поставувајќи го прашањето: „Колку сте задоволни од живејачката во Македонија?“ Понудените опции беа следните:
- Задоволен сум
- Делумно задоволен
- Не сум задоволен
- Очај
Во текстот што следува, ги анализираме резултатите од анкетата, кои даваат увид во тоа колку навистина македонските граѓани се задоволни од живејачката во нашата држава и што е потребно за стабилен и квалитетен живот.
Во анкетата учествуваа вкупно 2.402 испитаници, а еве ги резултатите:
1. Најмал процент, или 20% од анкетираните (492 лица) се делумно задоволни. Животот во Македонија има свои предности, но и значителни предизвици. Еден испитаник коментира: „Добро е само доколку немаш потреба од здравство и институции, тоа не функционира воопшто“. Додека друг коментар гласи вака: „Дома си е дома, за оброк и облека може да се заработи, кој е желен да работи. Без фамилија и пријатели не се може, а тоа во странство го нема.“
2. Задоволен сум: Нешто повеќе, или 21% од испитаниците (507 лица) изразија задоволство од животот во Македонија. Еден од коментарите гласи: „Многу е убаво“. Животот во Македонија нуди убав амбиент, топли меѓучовечки односи и богатство од традиција и природа. И покрај одредени предизвици, сè уште има луѓе кои се задоволни од секојдневието, начинот на живот и можностите што ги нуди земјата.
3. 25% или 603 испитаници изразија незадоволство, односно гласаа дека не се задоволни од живејачката во Македонија. За жал, животот во Македонија станува сè потежок поради високите трошоци, ниските плати и несигурноста во институциите. Недостатокот на економски можности, нефункционалниот здравствен систем и загадувањето се само дел од причините за незадоволството.
Прочитајте дел од коментарите:
„Скапа храна, лош здравствен систем, никаков правен и социјален систем. Загадена животна средина“.
„Како да си задоволен кога шпараш на сите можни начини. Идеме во продавница и бараме да купиме што е на попуст. Мизерија.“
„Ниски примања, лоши меѓучовечки односи“
„Неквалитетен живот, воздух, животна средина, работна средина...“
4. Најголем дел - односно цели 34% или 824 од испитаниците на прашањето: „Колку сте задоволни од живејачката во Македонија?“ одговориле дека е ОЧАЈ.
„5 члено семејство сме (3 малолетни деца). Платите на двајцата ни стигаат само за јадење и детергенти, тетратки моливи и толку. Тоа што купивме подароци за празниците ни се одби од јадењето. Баш е очај!“
„Не сум задоволен од живеачката во Македонија. Главните проблеми што ги забележувам се нечистиот воздух, лошиот урбанизам и инфраструктура, како и нискиот стандар на живеење. Во многу делови од земјата, постои јасна мизерија во условите за живот, што го отежнува секојдневното функционирање и создава чувство на депресија и недоволна перспектива за иднината.“
„Страшно ... жално... осакатено...немоќно...“
„Државно здравство кое смислено се уништува. Не функционално судство. Ѓубре на сите страни, Македонија личи на депонија.“
„Треба ли коментар?“
Овие резултати укажуваат на поделени мислења меѓу граѓаните за квалитетот на животот во земјата. Додека дел од испитаниците се задоволни или делумно задоволни, значителен процент изразуваат незадоволство, посочувајќи на проблеми како што се високите трошоци за живот, состојбата на здравствениот систем и загадувањето на животната средина.
Оваа анкета ја отсликува потребата за понатамошни подобрувања во различни аспекти на општеството, со цел да се зголеми задоволството на граѓаните од животот во Македонија.
Во тек е нашата нова анкета во која прашуваме: Дали мислите дека шефот ве сака?