![Париз го затвори последниот туристички информативен центар – дигиталната ера го презема водството](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/48/95642d84-resize-820x0x100.jpg)
Туристичките информативни центри се места каде што често добиваме одговори на прашања и заминуваме „наоружани“ со мапи, информации и брошури. Сепак, во денешно време на брз интернет и информации сервирани на тацна, овие центри во некои земји стануваат минато. Главниот град на Франција, Париз, неодамна се збогува со својот последен туристички информативен центар.
Последната туристичко-информативна експозитура, која се наоѓаше во близина на Ајфеловата кула, ги затвори своите врати на 12 јануари. Сепак, својата улога ќе ја продолжи, но во дигитална форма – преку веб-страница, апликација и социјални мрежи.
Од пет информативни центри до дигитална трансформација
Париз некогаш имаше пет туристичко-информативни центри, кои ги посетуваа стотици илјади луѓе. Но, со текот на времето, бројот на посетители почна да се намалува, а трошоците да растат, што доведе до нивно постепено затворање.
Затворањето на последниот центар, како што извести Le Monde, отвори прашање за нивната корисност. Ова може да изгледа невообичаено за водечката светска туристичка дестинација – Париз го посетуваат 37 милиони туристи годишно, а регионот околу него околу 50 милиони.
„Промените во навиките на посетителите и специфичностите на градот Париз нè доведоа до ревизија на нашата локална туристичка информативна мрежа“, соопшти туристичката канцеларија, пренесува France 24.
Нови информативни точки до 2026 година
Иако туристичките центри се затвораат, туристите нема да останат без поддршка. До 2026 година, планирано е отворање на 50 информативни пунктови на киосци, пошти и хотели низ градот. Дополнително, ќе биде воспоставен и кол-центар каде што заинтересираните ќе можат да добијат информации преку телефон, СМС или е-пошта.
Главните приоритети ќе бидат топло добредојде, почит кон посетителите и персонализиран пристап. Туристичката канцеларија нагласува дека новиот пристап ќе овозможи поголема флексибилност, брз одговор на потребите и физичко присуство таму каде што е најпотребно. Централниот туристички информативен центар во Париз, инаку, можеше да допре само до мал број посетители, при што две третини од нив веќе биле во Париз барем еднаш.