
Доколку барате место каде што нема многу туристи, каде воздухот е свеж, а улиците чисти, Естонија е вистинскиот избор. Според извештајот „Воздухот што го дишеме“, Естонија може да се пофали со најчист воздух и најниски емисии на штетни гасови.
Според Индексот на еколошки перформанси, кој следи фактори како што се емисиите на стакленички гасови, CO₂, степенот на јаглеродна неутралност, примената на политики за заштита на животната средина и употребата на обновливи извори на енергија, Естонија се наоѓа на првото место.
Утврдено е дека оваа балтичка држава има најчист воздух, со оценка од 75,3.
Други земји кои се најдоа на листата се: Луксембург (75), Германија (74,6), Финска (73,7), Велика Британија (72,7), Шведска (70,5), Норвешка (70), Австрија (69), Швајцарија (68) и Данска (67,9). Речиси сите наведени земји се меѓу најчистите во светот.
Секој што сака да ја посети Естонија не смее да ја заобиколи нејзината престолнина Талин. Целиот град се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО поради неверојатно добро зачуваното старо градско јадро од 13 век.
Стариот град е поделен на два дела: долниот дел и горниот Томпеа, каде што се наоѓа владината зграда и замокот стар 800 години.
Талин може да се пофали со православната црква Свети Александар Невски, паркот Кадриорг и истоимениот музеј. Палатата Кадриорг е барокна резиденција изградена од рускиот цар Петар Велики за неговата сопруга Катарина I. Денес е дел од комплексот на уметнички музеи.
Црквата Свети Олаф датира од 12 век и во 16 век била највисоката градба во светот. Од кулата висока 124 метри се нуди спектакуларен поглед на Талин.
Посетителите можат да се искачат и на ТВ-кулата висока 314 метри, со платформа за набљудување на висина од 170 метри.
Зошто воздухот во Естонија е толку чист?
Естонија е една од најмалку населените земји во Европа, а шумите и другите зелени површини покриваат околу 50% од територијата. Голем дел од електричната енергија доаѓа од обновливи извори како ветерни електрани и биомаса. Иако порано користеше големи количини на нафтени шкрилци за производство на струја, во последниве години Естонија вложува значајни напори за намалување на употребата на фосилни горива и премин на чисти извори на енергија.
Естонија нема голема тешка индустрија што би го загадувала воздухот. Главните индустриски сектори се технологијата, ИТ и лесната индустрија, кои имаат многу помал еколошки отпечаток.
Талин е еден од првите главни градови во светот што воведе бесплатен јавен превоз за своите жители, што ја намали употребата на автомобили и со тоа емисијата на издувни гасови.
Строгите регулативи за заштита на животната средина се усогласени со стандардите на Европската Унија, а постојат ограничувања за емисијата на штетни гасови од возилата и индустријата, како и поттикнување на користење електрични возила и еколошки технологии.
Покрај тоа, близината на Балтичкото Море придонесува за прочистување на воздухот.
Извор: eupravozato.mondo.rs